Psalms 10MKB

1Зошто, Господи, стоиш далеку, зошто се криеш во време на неволја?

2Од гордоста на нечесните се измачуваат бедните; нека се фатат во сплетките што ги замислија.

3Безбожникот се фали со желбите на својата душа; среброљубецот се одречува од Господа и Го презира.

4Безбожникот вели во својата гордост: не, нема истраги! Па нема ни Бог! Такво е неговото мислење.

5Неговите патишта секогаш се опаки; на Твоите судови тој и не мисли; ги презира сите свои противници.

6Во своето срце вели: „Нема да се расколебам! Нема да бидам несреќен - од род во род.”

7Устата му е полна со клетви, итрини и измами, под неговиот јазик има злоба и гибел.

8Седи во заседа, покрај оградите во селата, потајно го убива невиниот, со очите го демне бедниот.

9Седи во засолниште, како лав во пештера, демне да го ограби сиромашниот и да го вовлече во својата мрежа.

10Се притајува, прилегнува, и беспомошните паѓаат под неговата сила.

11Во своето срце вели: „Бог заборави, го крие Своето лице и нема да види никого.”

12Стани, Господи Боже, крени ја Својата рака! Не заборавај ги бедните!

13Зошто безбожникот Го презира Бога? Тој вели во своето срце: „Нема да води истрага.”

14Ти виде, зашто ги гледаш неправдите и маките, и ги мериш во раката. Бедниот Ти се доверува Тебе, Ти си му помошник на сирачето.

15Сотри му ја мишката на нечестивиот, и на злотворот, казни му го лукавството, за да не биде повеќе.

16Господ е Цар, секогаш, низ вековите, ќе ги снема народите од Неговата земја.

17Господи, Ти ги слушаш желбите на кротките; зајакни им ги срцата; отвори го Своето уво:

18да го заштитиш правото на сирачето и угнетуваниот, така што човекот, кој е од земја, да не застрашува веќе.

Библија (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет, превод Душан Х. Константинов Copyright © 1999, 2004 by Loukas Foundation, The Netherlands

Choose Translation

Switch translation for Psalms 10.

Reading Settings

Paragraph viewDisplay verses as flowing paragraphs instead of individual lines
Show verse numbersDisplay verse numbers inline
Red letterHighlight the words of Christ in red

Sign in to save your reading preferences across sessions.