1Се надевам на Господа! Зошто тогаш и велите на мојата душа: „Одлетај во гората, како птица!”
2Бидејќи, ете, нечесните го оптегнаа лакот, ги запнаа стрелите за тетивите, за да ги застрелаат, во темнина, оние, што се со право срце.
3Кога се расипани основите, што ќе прави праведникот?
4Господ е во Својот свет Храм; Господовиот престол е на небесата. Неговите очи гледаат, Неговите трепки ги испитуваат човечките синови.
5Господ ги испитува: праведниот и неправедниот, од дното на душата го мрази силникот.
6Ќе излее жар и сулфур врз грешниците, огнен ветер ќе им биде дел од нивната чаша.
7Зашто Праведниот Бог ја љуби правдата; праведникот ќе го гледа Неговото лице.