Zechariah 9
1 Пророчкото слово на Господ е против земјата Хадрах, и во Дамаск ќе се задржи, зашто окото Господово ги набљудува сите луѓе, како и сите колена израелски;
2 тоа е и врз Хамат, кој се граничи со него, и врз Тир и Сидон, иако се многу мудри.
3 Тир изградил тврдина, натрупал сребро како прашина, и злато како улична кал.
4 Но, ете, Господ ќе го направи беден и ќе му ја струполи силата негова во морето, а и самиот ќе биде истребен со оган.
5 Тоа ќе го види Ашкелон, и ќе се уплаши, а и Газа — па и таа ќе затрепери многу, и Екрон, зашто го изневери надежта негова: нема да има цар во Газа, и Ашкелон ќе запусти.
6 Туѓо племе ќе живее во Ашдод, и Јас ќе ја уништам гордоста на Филистејците.
7 Ќе ја извлечам крвта од устата нивна, нечистотијата од забите нивни и тие ќе паднат пред нашиот Бог и ќе бидат како семеен клан во Јудеја, а Екрон ќе биде како Јевусиј.
8 Ќе поставам стража околу Мојот дом спроти војската, спроти оние, кои преминуваат натаму и наваму, и нема повеќе да доаѓа непријател; зашто сега видов со очите Свои.
9 Ликувај од радост, ќерко Сионова, извикувај, ќерко ерусалимска; ете, Царот твој се враќа кај тебе, праведен е и со победоносна сила, кроток, седнат на магаре, рожба на магарица.
10 Тогаш ќе ги истребам колите на Ефрем и коњите на Ерусалим, и ќе се скрши бојниот лак; и Тој ќе објави мир на народите, и царството Негово ќе се протега од море до море и од Еуфрат до краиштата на земјата.
11 А што се однесува до тебе, Израеле, заради крвта на заветот Јас ги ослободив затворените од безводните јами.
12 Враќајте се во тврдината вие затвореници, полни со надеж! Денес навестувам дека ќе ти дадам двојно.
13 Зашто како лак ќе го затегнам Јуда и лакот ќе го вооружам со Ефрем, па ќе ги подигнам синовите твои, Сионе, против синовите твои, Јаване, и тебе ќе те направам како меч јуначки.
14 Ќе се појави над нив Господ и како молскавица ќе излета стрелата Негова; ќе загрми Господ Бог со трубата и ќе дојде на јужните бури.
15 Господ Саваот ќе ги брани, и тие ќе ги газат дури и камењата за праќи; ќе пијат крв место вино; и ќе се наполнат како жртвени чаши, како аглите на жртвеникот.
16 И ќе ги спаси нивниот Господ Бог во оној ден, како стадо од Својот народ; зашто тие ќе заблескаат како камења на круна во земјата Негова.
17 О, колку голема ќе биде добротата негова и каква ќе биде убавината негова! Житото ќе ги расцути момците, а благото вино — девојките.