Zechariah 10
1 Молете Го Господа за дожд во време пролетно; Господ ќе светне со молскавица и ќе ви даде обилен дожд — зеленило во поле.
2 Зашто лажните гледачи зборуваат празни зборови, и вражачите гледаат лажливи работи и прикажуваат лажни соништа; тие утешуваат со празни зборови; затоа талкаат како овци, талкаат зашто немаат пастир.
3 Против пастирите се распали гневот Мој, водачите ќе ги казнам; да, Господ Саваот ќе се погрижи за стадото Свое, домот Јудин, и ќе го подготви како силен коњ за бој.
4 Од него ќе направи аголен камен, од него — шаторски клин, од него лак за бој, од него ќе излезат сите водачи на народот.
5 И тие ќе бидат како јунаци што ги газат непријателите како улична кал, и ќе се борат, бидејќи Господ е со нив, и ќе ги посрамат јавачите на коњи.
6 Ќе го зацврстам домот Јудин и ќе го спасам домот Јосифов, и ќе ги вратам, зашто Јас се смилив над нив, и тие ќе бидат како да не сум ги оставил: зашто Јас сум нивниот Господ Бог, и ќе ги чујам.
7 Ефремците ќе бидат како јунаци, ќе се развесели срцето нивно како вино да пиеле, па ќе го видат тоа синовите нивни и ќе им се зарадува срцето нивно; во восхит ќе им биде тогаш срцето нивно во Господ.
8 Ќе им дадам знак и ќе ги соберам, зашто ги откупив; ќе бидат многубројни како и порано.
9 Иако ги раселив меѓу народите, сепак во далечни земји тие ќе се сеќаваат на Мене и ќе ги поучуваат децата свои, и ќе се вратат.
10 Ќе ги вратам од земјата египетска и од Асирија ќе ги соберам; ќе ги доведам во земјата Галаад и на Ливан, и не ќе има доволно место за нив.
11 Ќе преминат по морето и ќе ги поразат морските бранови; ќе пресушат сите длабини на Нил, и ќе биде соборена гордоста на Асирија, и скиптарот ќе биде одземен од Египет.
12 Ќе ги зацврстам во Господ, и тие ќе одат во името Негово, вели Господ.