1Отвори ги, Ливане, портите свои и оган нека ги проголта кедрите твои.
2Плачи, кипарисе, зашто падна кедарот, зашто паднаа великаните; ридајте, дабови башански, бидејќи е испосечена густата гора.
3Се слуша гласот од плачењето на пастирите, бидејќи е опустошена нивната слава; се слуша рикањето на лавовите, зашто е опустошена гордоста на Јордан.
4Така вели Господ мојот Бог: „Паси ги овците, определени за клање,
5кои купувачите, без пречка ќе ги колат, а продавачите ќе им велат: ‚Нека е благословен Господ; се збогативме!‘ И пастирите нивни не ќе ги жалат.
6Зашто Јас веќе нема да ги жалам жителите од земјата, вели Господ; ете, ќе ги предадам луѓето, секого во рацете на неговиот ближен и во рацете на неговиот цар, и тие ќе ја пустошат земјата, а Јас нема да ги избавувам од рацете нивни.“
7И зедов да ги пасам овците во земјата хананска, определени за клање, овци наменети за трговците. И зедов два стапа, едниот ќе го наречам — Благонаклонетост, а другиот — Сојуз; со нив ги пасев овците.
8И отфрлив тројца од пастирите во еден месец, а и овците ми одмилеа, па и јас ним.
9Тогаш реков: „Нема повеќе да ве пасам; онаа што е за умирање, нека умре, и која загинува, нека загине; тие, пак, што ќе останат нека се изедат една со друга!“
10И така го зедов стапот Свој Благонаклонетост и го скршив, за да го раскинам Сојузот што го склучив со сите народи.
11И тој беше уништен во оној ден, и тогаш разбраа трговците со овци, кои ме гледаа, дека ова е слово од Господ.
12И им реков: „Ако ви е угодно, дајте ми ја платата моја; ако, пак не — не давајте ми ја; и тие ми определија плата триесет сребреници.“
13А Господ ми рече: „Фрли ги во црковната каса — тие големи пари со кои Ме оцени!“ И јас ги зедов тие триесет сребреници и ги фрлив во домот Господов.
14Го скршив и Својот друг стап — Сојуз, за да го раскинам братството меѓу Јуда и Израел.
15И ми рече Господ: „Земи си уште нешто од опремата на безвреден пастир.
16Зашто, ете, Јас ќе поставам еден безумен пастир во оваа земја, кој нема да се грижи за оние што загинуваат, нема да ги бара загубените и болните нема да ги лекува, здравите нема да ги храни, а месото од згоените ќе го јаде и копитата ќе им ги откинува.“
17Тешко му на овој неодговорен пастир, што го остава стадото! Меч нека му ги исече раката негова и неговото десно око! Раката наполно нека му се исуши, и десното око негово наполно нека потемне!