Zechariah 12
1 Пророчко слово од Господ за Израел. Господ, Кој го распна небото и ја основа земјата и му создаде на човекот дух во неговите гради, вели:
2 ете, Јас ќе го направам Ерусалим како чаша за опивање на сите народи околни, а исто така и за Јуда во времето на ерусалимската опсада.
3 Во оној ден ќе го направам Ерусалим како тежок камен за сите племиња; сите што ќе го подигаат, ќе се искилават, а ќе се соберат против него сите народи земни.
4 Во оној ден, вели Господ, Јас ќе го удрам секој коњ со лудост, а коњаникот негов — со безумие, додека врз домот Јудин ќе ги отворам очите Свои; секој коњ пак, кај народите ќе го удрам со слепило.
5 Тогаш кнезовите Јудини ќе речат во срцата свои: силата на жителите на Ерусалим е во Господ Саваот, нивниот Бог.
6 Во оној ден Јас ќе ги направам кнезовите Јудини како запален јаглен меѓу дрва и како факел меѓу снопови; тие ќе ги истребат сите околни народи, и од десната и од левата страна, и Ерусалим ќе биде одново населен на своето место — во Ерусалим.
7 И Господ ќе ги спаси најнапред шаторите на Јуда, така што гордоста на домот Давидов и гордоста на ерусалимските жители да не се издига над Јуда.
8 Во оној ден Господ ќе ги засолни жителите на Ерусалим, и најслабиот меѓу нив во оној ден ќе биде како Давид, а домот Давидов ќе стане како Бог, како ангел Господов пред нив.
9 Во оној ден ќе ги истребам сите народи, што го напаѓаат Ерусалим.
10 А врз домот Давидов и врз жителите ерусалимски ќе излијам дух на благодат и молитва, така што, кога ќе погледнат на Оној, Кого тие го прободоа, ќе плачат за Него, како што се плаче за еднороден син, и ќе ридаат како што се рида за првороден.
11 Во оној ден ќе се крене голем плач во Ерусалим, како плач на Хадад-Римон во долината Мегидо.
12 И ќе плаче земјата, секое семејство посебно; семејството на домот Давидов, и жените нивни одделно; семејството на домот Натанов, и жените нивни одделно;
13 домот на Левиј одделно, и жените нивни одделно; племето Симеоново одделно, и жените нивни одделно;
14 и сите други племиња, секое племе одделно, и жените нивни одделно.