Zechariah 13
1 Во оној ден ќе се отвори извор за домот Давидов и за жителите ерусалимски, за да се измијат од гревовите нивни и од нечистотијата.
2 Во оној ден, вели Господ Саваот, Јас ќе ги истребам имињата на идолите од оваа земја, и тие повеќе нема да се спомнуваат; ќе ги истребам и лажните пророци и нечистиот дух од оваа земја.
3 И ако пак се појават пророци, татко му и мајка му, што го родиле, ќе му речат: ти не треба да живееш, зашто кажуваш лага во името на Господ; и ќе го убијат татко му и мајка му, кога тој ќе пророкува.
4 Во оној ден ќе се засрамат таквите пророци, секој од кажувањето свое, кога ќе почнат да пророкуваат, и нема да се облекуваат во вреќишта, за да лажат,
5 туку секој ќе рече: јас не сум пророк, земјоделец сум, земјата ми е наследство од детството мое.
6 И ако некој го праша: а од што ти се раните на рацете твои? Тој ќе одговори: „Раните ги добив од моите пријатели.“
7 О, мечу, пробуди се против Мојот пастир и против Мојот ближен, вели Господ Саваот: удри го пастирот, и овците ќе се распрснат! И Јас ќе ја свртам раката Своја против слабите.
8 И по целата земја, вели Господ, два дела од неа ќе бидат истребени, ќе изумрат, а третиот ќе остане.
9 И тој трет дел ќе го минам низ оган, и ќе ги пречистам како што се пречистува сребро, и ќе ги проверам, како што се проверува злато; тие ќе го повикаат името Мое, и Јас ќе ги чујам; ќе речам: „Тоа е Мојот народ“, а тие ќе речат: „Господ е наш Бог!“