1Потоа пак ги подигнав очите и видов: а тоа лета свиток.
2И ме праша тој: „Што гледаш?“ Му одговорив: „Гледам свиток како лета; должината му е дваесет лакти, а ширината десет лакти.“
3Тогаш ми рече: „Тоа е проклетството што ќе се излие врз целата земја; и секој што краде, ќе се истреби, како што е напишано на едната страна; и секој што се колне лажно, ќе се истреби — како што е напишано на другата страна.
4Јас го пуштив — вели Господ — и тој ќе влезе во домот на крадецот и во домот на оној, што се колне лажно во името Мое, и ќе остане во домот негов, и ќе ги истреби него, и дрвјата негови и камењата негови.“
5Тогаш влезе ангелот, што зборуваше со мене, и ми рече: „Подигни ги очите пак и погледај — што е она што излегува?“
6А кога прашав: „Што е тоа?“ тој ми одговори: „Она што излегува е кошница од една ефа, па додаде: тоа е престапот нивен по целата земја.“
7И, ете, одеднаш се подигна капак од олово, а таму една жена седеше во кошницата за една ефа.
8Ми рече тој: „Таа жена е беззаконието“, па ја турна во кошницата за ефата, а отворот го затна со оловниот капак.
9И одново ги подигнав очите и видов: одеднаш се појавија две жени, и ветар имаше меѓу крилјата нивни; а крилјата им беа како крилја на штрк; и ја кренаа тие кошницата за ефата и ја понесоа угоре меѓу земјата и небото.
10Го прашав ангелот, што зборуваше со мене: „Каде ја носат таа кошница за ефа?“
11А тој ми одговори: „За да се изгради за неа дом во земјата Сенаар, и кога ќе биде сѐ подготвено; тогаш таа ќе биде однесена и поставена на своето место.“