1Ги подигнав очите, а тоа, ете, четири рога.
2И му реков на ангелот, кој зборуваше со мене: „Што е ова?“ А тој ми одговори: „Тоа се роговите што ги распрснаа Јуда, Израел и Ерусалим.“
3Потоа Господ ми покажа четири ковачи.
4Пак реков: „Што ќе прават овие?“ А тој ми рече: „Оние рогови се што го распрснаа Јуда, така што никој од нив не може да си ја подигне главата; и, ете, тие дојдоа да ги уплашат, да им ги скршат роговите на народите, кои подигаат рог против земјата на Јуда за да ја распрснат.“
5И пак ги подигнав очите и видов: и, ете, еден маж, кој во раката имаше мерно јаже.
6Го прашав: „Каде одиш?“ Тој ми рече: „Одам да го измерам Ерусалим, за да видам колкава му е ширината и колкава му е должината.“
7Тогаш ангелот, што зборуваше со мене, истапи напред, а друг ангел му дојде во пресрет,
8и тој му рече на оној: „Побрзај и кажи му на оној млад човек: ‚Ерусалим ќе се насели како село без ѕидини поради многуте луѓе и добиток во него.
9И Јас ќе му бидам огнен ѕид, околу него, вели Господ, и слава во него.‘“
10„Еј, еј! Бегајте од северната земја, вели Господ, зашто Јас ве растргнав по сите четири ветра небески“, вели Господ.
11Спасувај се Сионе, ти што живееш кај ќерката Вавилонска.
12Зашто така вели Господ Седржителот, Кој ме прати за слава кај народите, што ве пљачкосуваа: „Зашто кој чепка во вас, чепка во зеницата на окото Мое.
13И, ете, Јас ќе ја кренам раката Своја против нив, и тие ќе станат плен на робовите свои.“ Тогаш ќе познаете дека Господ Саваот ме пратил.
14„Ликувај и весели се, ќерко Сионова, зашто ете, Јас ќе дојдам и ќе живеам во тебе“, вели Господ.
15И ќе се приберат многу народи кај Господ во оној ден и ќе станат Негов народ. И Тој ќе се насели кај тебе, и тогаш ќе разбереш дека Господ Саваот ме пратил кај тебе.
16Тогаш Господ ќе ја завладее Јудеја, Својот дел на светата земја, и пак ќе го избере Ерусалим.
17Нека замолкнат сите луѓе пред лицето на Господ, зашто Тој стана од Своето свето живеалиште.