1Павле, слуга Божји и апостол на Исус Христос за верата на Божјите избраници и за спознавање на вистината по побожноста,
2со надеж за вечниот живот, што пред вечни времиња го вети Бог, Кој не лаже,
3во свое време го јави словото Свое преку пораката што ми ја довери мене по заповед на нашиот Спасител, Бог,
4до Тит, моето вистинско чедо по заедничката вера. Благодат, милост и мир од Бог Отецот и од Господ Исус Христос, нашиот Спасител!
5Затоа те оставив во Крит, за да го довршиш несвршеното и во сите градови да поставиш презвитери, како што ти бев порачал:
6ако е некој непорочен, маж на една жена и има деца верни, што не се укорувани за блудство или непокорност.
7Бидејќи епископот, како Божји распоредник, не треба да е порочен, ни гневлив, ни пијаница, ни тепач, ни лаком за гнасна печалба,
8туку гостољубив, доброљубив, трезвен, справедлив, свет, воздржлив;
9кој се придржува до вистинското слово, онака како што е научен, та да биде силен и да поучува во здравото учење, и да ги побива оние кои се противат.
10Зашто има и мнозина непокорни, празнословци и измамници, а особено меѓу обрезаните,
11на кои треба да им се затвори устата: тие растураат цели домови, учејќи на она што не треба, поради одвратна печалба.
12Еден од нив, нивни пророк, беше рекол: „Критјаните се секогаш лажливци, зли ѕверови, мрзливи мешишта.“
13Тоа сведоштво е вистинско. Поради таа причина укори ги строго за да бидат здрави во верата,
14и да не слушаат јудејски бајки и заповеди од луѓе, кои одвраќаат од вистината.
15За чистите е сѐ чисто, а за осквернетите и неверните нема ништо чисто; напротив, ним им се осквернети и умот и совеста:
16тие зборуваат дека Го познаваат Бога, а со делата свои Го одречуваат, бидејќи се одвратни, непокорни и неспособни за никакво добро дело.