1И така, те заколнувам пред Бога и нашиот Господ Исус Христос, Кој ќе им суди на живите и мртвите, кога ќе дојде Тој и Неговото царство:
2проповедај го словото, настојувај во погодно време и во невреме, укорувај, забранувај, советувај со голема долготрпеливост и поука.
3Зашто ќе дојде време кога луѓето нема да го слушаат здравото учење, но, водени по своите похоти, ќе си изберат учители да им го залажат слухот;
4тие ќе го одвратат слухот свој од вистината и ќе се свртат кон бајки.
5Но ти во сѐ биди трезвен, претрпи зло, направи дело достојно на благовестител, службата своја исполнувај ја добро!
6Зашто јас веќе се изливам како жртва леаница, а времето за моето заминување настапи.
7Добро се борев, патот го завршив, верата ја запазив.
8Понатаму ме очекува венецот на правдата, што ќе ми го даде во оној ден Господ, праведниот Судија; но не само мене, туку и на сите кои се радуваат на Неговото појавување.
9Погрижи се да дојдеш кај мене скоро!
10Зашто Димас ме остави, бидејќи го засака сегашниот свет, и отиде во Солун; Крискент — во Галатија, Тит — во Далмација. Само Лука е со мене.
11Земи го Марко и доведи го со себе, зашто ми е нужен во службата!
12А Тихик го пратив во Ефес.
13Кога ќе дојдеш, донеси ја наметката што ја оставив во Троада, кај Карп и книгите, а особено пергаментите.
14Ковачот Александар ми направи големо зло. Ќе му врати Господ според делата негови!
15Од него пази се и ти, бидејќи тој необично многу се воспротиви на нашите зборови!
16При мојата прва одбрана никого немаше кај мене: сите ме оставија. Нека не им се прими за грев!
17Но Господ беше со мене и ме закрепна, та преку мене да се утврди Благовестието и да чујат сите незнабошци; и јас се избавив од устата на лавот.
18Господ ќе ме избави од секакво лошо дело и ќе ме запази за Своето небесно царство. Нему слава во вечни векови. Амин!
19Поздрави ги Прискила и Акила, и Онисифоровиот дом.
20Ераст остана во Коринт. А Трофим го оставив болен во Милит.
21Побрзај да дојдеш пред зимата! Те поздравуваат Евул, Пуд, Лин, Клавдија и сите браќа.
22Господ Исус Христос нека е со твојот дух! Благодат на сите вас! Амин!