Ruth 3
1 Ноемина, нејзината свекрва, ѝ рече: „Ќерко моја, ајде да ти побарам спокојно место за да ти биде подобро.
2 Ете, Вооз, со чии слугинки беше ти, е наш роднина, оваа ноќ тој го вее јачменот на гумното;
3 затоа измиј се, намачкај се, промени се и оди на гумното, но не му се покажувај додека не заврши со јадењето и пиењето;
4 а кога ќе легне да спие, дознај го местото, каде ќе легне; тогаш оди, откриј го откај нозете негови и легни; тој ќе ти каже што да правиш.“
5 Рута ѝ рече: „Ќе направам сѐ, како што ми кажа.“
6 И отиде на гумното и направи сѐ онака, како што ѝ порача свекрвата нејзина.
7 Вооз се најаде и се напи, и го развесели срцето свое, и отиде, па легна да спие до стогот. И таа отиде полека, го откри откај нозете негови и легна.
8 На полноќ тој се тргна, се обѕрна, и еве покрај нозете негови лежи жена.
9 И тој рече: „Која си ти?“ Таа одговори: „Јас сум Рута, твоја робинка, рашири го крилото од својата наметка над својата робинка, зашто си ми близок роднина.“
10 Вооз ѝ рече: „Благословена да си од Господ, ќерко! Овој твој чин на милосрдие е подобар од првиот, зашто не отиде да бараш момци, бедни или богати;
11 затоа не плаши се, ќерко! Јас ќе направам за тебе сѐ, што кажа ти; зашто на секоја порта кај мојот народ знаат дека ти си чесна жена;
12 иако е точно дека сум ти роднина, но има друг роднина, поблизок од мене.
13 Остани оваа ноќ; а утре, ако тој те земе, добро, нека те земе, ако, пак, не те земе, јас ќе те земам; се колнам во живиот Господ! Спиј до утре!“
14 И преспа таа покрај нозете негови до утрината и стана, пред да можат да се распознаат еден со друг, зашто Вооз рече: „Да не се знае дека доаѓала жена на гумното.“
15 И ѝ рече: „Дај ја наметката што е на тебе, подржи ја.“ Таа ја држеше, и тој ѝ измери шест мери јачмен, ја натовари и си отиде во градот.
16 А Рута дојде кај свекрва ѝ. Таа ја запраша: „Што направи, ќерко?“ Таа ѝ раскажа сѐ, што беше направил оној човек за неа.
17 Таа рече: „Тој ми ги даде овие шест мери јачмен и ми рече: ‚Не оди со празни раце кај свекрвата своја!‘“
18 Таа ѝ рече: „Почекај, ќерко, додека да дознаеш, како ќе се сврши работата; зашто тој човек нема да се успокои додека не ја сврши денес таа работа.“