Ruth 4
1 Вооз излезе пред градските порти и таму седна. И ете, минува оној роднина, за кого говореше тој. И му рече: „Дојди и седни тука!“ Тој дојде и седна.
2 Вооз повика десет мажи од градските старешини и рече: „Седнете тука!“ И тие седнаа.
3 И Вооз му рече на роднината: „Ноемина, која се врати од моавските полиња, го продава делот од нивата, што му припаѓа на братот наш Елимелех;
4 јас решив да ти јавам и да ти кажам: ‚Купи го пред седнативе тука — старешините на мојот народ. Ако сакаш да го откупиш, откупи го; ако, пак, решиш да не го откупиш, кажи ми, за да знам, зашто, освен тебе, нема кој да го откупи, а по тебе сум јас.‘“ Тој одговори: „Јас ќе го откупам.“
5 Вооз рече: „Штом ја откупуваш нивата од Ноемина, треба да ја земеш за сопруга и Моавката Рута, жена на умрениот, за да остане нивата во наследството на нејзиниот починат маж.“
6 А оној роднина одговори: „Јас не можам да ја откупам, зашто ќе го растурам моето наследство; преземи го ти моето право на откупување, бидејќи јас не можам да ја земам.“
7 Порано во Израел, кога се откупуваше и разменуваше нешто, заради потврдување на размената постоеше ваков обичај: едниот ја собуваше обувката своја и му ја даваше на другиот, и тоа служеше како сведоштво во Израел.
8 И оној роднина му рече на Вооз: „Откупи го ти!“ И ја собу обувката своја, и му ја даде.
9 И Вооз им кажа на старешините и на целиот народ: „Вие сте сега сведоци дека јас го купувам од Ноемина сето Елимелехово и сето Килионово и Малоново наследство;
10 исто така ја земам за жена и Моавката Рута, Малоновата жена за да го востановам името на умрениот во неговото наследство за да не исчезне името на умрениот меѓу браќата негови и од неговиот роден град; вие сте ми денес сведоци за тоа.“
11 И сиот народ што беше при градските порти, и старешините рекоа: „Ние сме сведоци. Нека даде Господ, жената, која влегува во куќата твоја, да биде како Рахила и Лија, кои и обете го изградија домот Израелов; збогатувај се во родот Ефратов, и нека се слави името твое во Витлеем.
12 И со потомството, кое Господ ќе ти го даде од оваа млада жена, нека стане твојот дом како домот на Фарес, кого Тамара му го роди на Јуда.“
13 И Вооз ја зеде Рута, и таа му стана жена. И тој влезе кај неа, и Господ ѝ даде, та зачна и роди син.
14 И ѝ велеа жените на Ноемина: „Нека е благословен Господ, зашто не те остави денес без наследник! И нека биде славно името негово во Израел.
15 Тој ќе ти биде обнова на животот и прехрана во старите денови твои, зашто е рожба на снаата твоја, која те сака и која ти вреди повеќе од седум синови.“
16 И Ноемина го зеде детето и го носеше во прегратките свои и се грижеше за него.
17 Сосетките му дадоа име, велејќи: „На Ноемина ѝ се роди син“, и го нарекоа Овид. Тој е татко на Јесеј, таткото Давидов.
18 А ова се потомците на Фарес: Фарес го роди Есром;
19 Есром го роди Арам; Арам го роди Аминадав;
20 Аминадав го роди Наасон; Наасон го роди Салмон;
21 Салмон го роди Вооз; Вооз го роди Овид;
22 Овид го роди Јесеј; Јесеј го роди Давид.