Ruth 22006

1Ноемина имаше роднина по мажот, човек многу имотен, од родот на Елимелех, по име Вооз.

2И Моавката Рута ѝ рече на Ноемина: „Ќе тргнам по нивјето и ќе собирам класје по оној во чии очи ќе најдам милост.“ Таа ѝ одговори: „Оди, ќерко.“

3Таа отиде и почна да собира на една нива класје по жетварите. И се покажа дека таа нива му припаѓа на Вооз, кој беше од родот Елимелехов.

4И ете, Вооз дојде од Витлеем и им рече на жетварите: „Господ со вас.“ Тие му одговорија: „Нека те благослови Господ!“

5И Вооз го запраша слугата свој, надгледувачот на жетварите: „Чија е онаа млада жена?“

6Слугата надзорник над жетварите, одговори и рече: „Таа млада жена е Моавка, дошла со Ноемина од моавските полиња;

7таа ни рече: ‚Оставете ме да берам и да собирам меѓу снопјата по жет­варите‘; дојде и остана тука од утрината досега; таа малку останува дома.“

8И Вооз ѝ рече на Рута: „Слушај, ќерко моја, не оди да собираш на друга нива и не си оди оттука, туку остани со моите слугинки;

9гледај на која нива тие жнеат, и оди со нив; ете јас им заповедав на слугите свои да не ти пречат; кога ќе ожедниш, оди кај садовите и пиј, од каде што црпат слугите мои.“

10Таа падна ничкум, се поклони до земја и му рече: „Со што заслужив толкава милост во твоите очи, па ме примаш, иако сум туѓинка?“

11Вооз ѝ одговори и ѝ рече: „Ми рекоа за сѐ што си направила за свекрвата своја по смртта на мажот твој, дека си оставила татко, мајка и татковина и си дошла меѓу народ кој не си го познавала до вчера и завчера;

12Господ нека ти возврати за твоето дело, и да добиеш полна награда од Господ, Бог Израелов, кај Кого си дошла за да се засолниш под Неговите крилја!“

13Таа одговори: „Можеби ќе најдам милост пред очите твои, господаре мој! Ти ме утеши и ѝ зборуваше од срце на робинката своја, макар и да не вредам ни колку една слугинка твоја.“

14И ѝ рече Вооз: „Кога ќе приближи времето за јадење, дојди тука и јади леб и топи го залакот свој во оцет.“ И таа седна покрај жетварите. Тој ѝ даде леб; таа јадеше, се најаде, и уште ѝ остана.

15И стана да собира класје. Вооз им заповеда на слугите и рече: „Нека собира и меѓу снопјата, и не ја навредувајте;

16дури и од снопјата потфрлувајте и оставајте; нека собира и немојте да ја прекорувате.“

17Така собираше таа на нивата до вечерта и го исчука собраното и тоа даде близу една ефа јачмен.

18Откако го зеде тоа, отиде во градот, и свекрва ѝ виде, колку беше собрала таа. И ѝ го даде она, што ѝ беше останало, откако се беше најала.

19И ѝ рече свекрвата: „Каде береше денес и каде работеше? Да биде благословен оној што те примил!“ Рута ѝ кажа на свекрвата своја, кај кого работела, и рече: „Човекот, кај кого денес работев, се вика Вооз.“

20И ѝ рече Ноемина на снаата своја: „Нека е благословен од Господ, поради тоа што не ги лиши од милоста своја ниту живите, ниту умрените!“ И ѝ рече Ноемина: „Тој човек ни е близок; тој е наш роднина.“

21Моавката Рута одговори: „Тој дури ми рече — остани кај моите слугинки, додека да ја завршат целата жетва.“

22И ѝ рече Ноемина на снаата Рута: „Добро е, ќерко, тоа што си одела со неговите слугинки, и така барем нема да те задеваат на друга нива.“

23Така се приклучи таа кон Воозовите слугинки и собираше класје додека заврши јачменовата жетва и пченичната жетва, и живееше со својата свекрва.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006

Choose Translation

Switch translation for Ruth 2.

Reading Settings

Paragraph viewDisplay verses as flowing paragraphs instead of individual lines
Show verse numbersDisplay verse numbers inline
Red letterHighlight the words of Christ in red

Sign in to save your reading preferences across sessions.