Ruth 1
1 Во она време, кога управуваа судиите, настана глад во земјата. И еден човек од Витлеем Јудејски отиде да живее во моавските полиња, заедно со жена си и двајцата сина.
2 Името на тој човек му беше Елимелех, името на жена му Ноемина, а двајцата синови негови се викаа Малон и Килион: тие беа од родот на Ефрат, од Витлеем Јудејски. И дојдоа во моавските полиња и останаа таму.
3 Елимелех, мажот на Ноемина, умре, и таа остана со двајцата синови свои.
4 Тие си зедоа за жени Моавки — на едната името ѝ беше Орпа, а на другата — Рута; и живееја таму околу десет години.
5 Но подоцна и обајцата синови нејзини, Малон и Килион, умреа, и остана таа жена без двајцата синови свои и без мажот свој.
6 Тогаш таа се крена со снаите свои за да замине од моавските полиња, бидејќи беше чула во моавските полиња дека Бог го посетил Својот народ и му дал леб.
7 И таа тргна од она место, каде што живееше, и двете снаи нејзини со неа. Кога одеа по патот, враќајќи се во јудејската земја,
8 Ноемина им рече на двете свои снаи: „Одете и вратете се секоја во куќата на својот татко; Господ нека ви направи милост, според тоа како постапувавте со покојните и со мене!
9 Нека ви даде Господ да најдете прибежиште секоја во куќата на својот маж!“ И ги бакна. Но тие повикаа, и заплакаа, па
10 ѝ рекоа: „Не, ние ќе се вратиме со тебе кај твојот народ.“
11 А Ноемина рече: „Вратете се, ќерки мои; зошто ќе доаѓате со мене? Зарем уште имам во утробата своја синови, кои би ви станале мажи?
12 Вратете се, ќерки мои, одете си, бидејќи сум веќе стара и не можам да се омажам; па и да речев: ‚уште имам надеж‘, и дури оваа ноќ да се омажам и подоцна да родам синови,
13 ќе можете ли да чекате додека да пораснат? Можете ли да се воздржите да не се омажите? Не, ќерки мои, многу ми е жал за вас, зашто раката Господова се сврте против мене.“
14 Тие повикаа и пак заплакаа. И Орпа се прости со свекрвата своја, а Рута остана со неа.
15 Ноемина ѝ рече: „Ете, твојата јатрва се врати кај својот народ и кај своите богови; врати се и ти по јатрвата своја.“
16 Но Рута одговори: „Не ме принудувај да те оставам и да се одделам од тебе; каде што ќе одиш ти, таму ќе дојдам и јас, и каде ќе живееш ти, таму ќе живеам и јас; твојот народ ќе биде мој народ, и твојот Бог — мој Бог;
17 и каде што ќе умреш ти, таму и јас ќе умрам и ќе бидам погребана; Господ нека ме казни и уште полошо нека ми додаде, ако нешто друго освен смртта ме раздели од тебе.“
18 Ноемина, откако виде дека таа цврсто е решена да оди со неа, престана да ѝ зборува.
19 И одеа тие двете додека стигнаа до Витлеем; целиот град се возбуди поради нив, и прашуваа: „Оваа ли е Ноемина?“
20 Таа им рече: „Не ме викајте Ноемина, викајте ме Мара, зашто Семоќниот ме исполни со премногу горчина.
21 Јас излегов одовде полна, а Господ ме врати празна: зошто да ме викате Ноемина, кога Господ ме принуди да страдам, Семоќниот ми испрати несреќа?“
22 И Ноемина се врати, а заедно со неа и снаата нејзина, Моавката Рута, која дојде од моавските полиња; тие пристигнаа во Витлеем, кога беше почнала жетвата на јачменот.