Bible

Create

Inspiring Presentations Without Hassle

Try Risen Media.io Today!

Click Here

Judges 21

:
Macedonian - 2006
1 И се заколнаа Израелците во Мицпа, велејќи: „Никој од нас да не ја дава ќерка си на Венијаминовите синови за жена!“
2 И народот дојде во Божјиот дом, седеа таму до вечерта пред Бога, кренаа голем писок, силно плачеа
3 и велеа: „Господи, Боже Израелов, зошто се случи ова во Израел, па сега изчезна едно племе во Израел.“
4 На другиот ден народот порани, и подигна таму жртвеник и принесоа жртви сепаленици, и жртви за мир.
5 И рекоа синовите Израелови: „Кој уште од сите Израелови племиња не дошол на собранието пред Господ?“ Зашто голема клетва беше изречена пред оние што не беа дошле пред Господ во Мицпа, и беше речено, дека тие ќе бидат предадени на смрт.
6 И синовите Израелови се смилија над братот свој Венијамин и рекоа: „Денес се истреби едно племе од Израел;
7 што да направиме за жени на останатите од нив, кога се заколнавме во Господ дека нема да им ги даваме ќерките свои за жени?“
8 И рекоа: „Има ли некое од племињата Израелови, кое не е дојдено пред Господ во Мицпа?“ И се покажа дека од Јавеш Галаадски никој не дошол на собранието пред Господ.
9 Го прегледаа народот, и ете, немаше ни еден од жителите на Јавеш Гала­адски.
10 И општеството испрати таму два­наесет илјади души, и им дадоа заповед, велејќи: „Одете и поразете ги со меч жителите на Јавеш Галаадски, и жените и децата;
11 и еве што ќе направите: ‚Секој маж и секоја жена што познава машко легло, убијте ги.‘“
12 И најдоа меѓу жителите на Јавеш Галаадски четиристотини моми што не познале машко легло, и ги доведоа во логорот кај Силом, кој е во хананската земја.
13 Тогаш целото општество испрати луѓе да разговараат со синовите Вени­јаминови, кои беа кај карпата Римон, и им објавија мир.
14 И така Венијаминовите синови се вратија и им дадоа жени што беа ос­танале живи од жените на Јавеш Галаадски; но излезе дека тие не стасуваат.
15 А на народот, пак, му беше жал за Венијамин, поради тоа што Господ не ја зачува целината на Израеловите племиња.
16 И си рекоа старешините народни: „Што да направиме за жени на другите синови, бидејќи жените кај Венијамин се убиени?“
17 И рекоа: „Наследството на Венија­мин нека остане, за да не се сотре едно племе од Израел.
18 Но ние не можеме да им дадеме жени од нашите ќерки, зашто синовите Израелови се заколнаа, велејќи: ‚Про­клет да биде оној што ќе му даде жена на Венијамин!‘“
19 И рекоа: „Ете, секоја година е празник Господов во Силом, на север од Ветол и на исток од патот, кој води од Ветил за Сихем, и на југ од Левона.“
20 И им заповедаа на синовите Вени­јаминови, велејќи: „Одете и сокријте се во лозјата,
21 и гледајте, кога ќе излезат момите од Силом да играат оро, излезете од лозјата и грабнете си секој жена за себе од тие моми, па одете си во земјата Венијаминова;
22 а кога ќе дојдат татковците, или браќата нивни да се поплачат кај нас, ние ќе им речеме: ‚Простете ни за нив, бидејќи ние не зедовме за секого од нив жена во време на војната, и вие не им дадовте; сега вие сте виновни.‘“
23 Така и направија синовите Венија­минови, и зедоа според бројот свој жени од оние што беа во орото и кои ги одзедоа, па тргнаа и се вратија во делот свој, и изградија градови и заживеа во нив.
24 Во исто време Израелците се ра­зотидоа оттаму, секој според родот свој и според племето свое, отиде во делот свој.
25 Во тие денови Израел немаше цар: секој го правеше она што му се чинеше дека е добро.