Judges 20
1 Тогаш излегоа сите синови Израелови, и се собра целата заедница како еден човек од Дан до Вирсавија и од Галаадската земја пред Господ во Мицпа.
2 Се собраа старешините на сиот народ, сите племиња Израелови, во собранието на народот Божји, — четиристотини илјади пешаци мечоносци.
3 А Венијаминовите синови слушнаа дека синовите Израелови дошле во Мицпа. И Израеловите синови запрашаа: „Кажете, како станало тоа зло?“
4 Левитот, мажот на убиената жена, одговори и рече: „Дојдов со својата наложница да ноќевам во Гива Венијаминова;
5 и се кренаа против мене жителите на Гива и преку ноќта ја опколија заради мене куќата; мене сакаа да ме убијат, а мојата наложница ја силуваа, така што таа умре;
6 јас ја зедов наложницата своја, на парчиња ја исеков и ја испратив во сите краеви на наследството Израелово, бидејќи тие извршија незаконито и срамно дело во Израел;
7 ете, сите вие, синови Израелови, разгледајте го тоа дело и решете тука.“
8 И се крена сиот народ како еден човек и рече: „Никој нема да отиде во шаторот свој и никој нема да се врати во домот свој.
9 А еве што ќе направиме сега со Гива: да фрлиме ждрепка
10 и ќе избереме по десет мажи на сто од сите Израелови племиња, по сто на илјада и по илјада на десет илјади за да донесат храна за народот, кој ќе тргне против Гива Венијаминова, за да ја казни за срамот што го изврши против Израел.“
11 И сите Израелци се собраа против градот еднодушно, како еден човек.
12 И Израеловите племиња испратија луѓе да му кажат по целото Венијаминово племе: „Каква гнасотија е извршена кај вас!
13 А сега, предајте ги тие развратници што се во Гива; ние ќе ги убиеме и ќе го искорениме злото од Израел.“ Но синовите Венијаминови не сакаа да го послушаат гласот на браќата свои, синовите Израелови.
14 И синовите Венијаминови од градовите се собраа во Гива, за да тргнат во војна против синовите Израелови.
15 А во оној ден Венијаминовите синови што се беа собрале од градовите свои, се изброија дваесет и шест илјади мажи мечоносци; освен тоа од жителите на Гива имаше одбрани на број седумстотини.
16 Во сиот тој народ имаше седумстотини меѓу одбраните мажи, кои беа леваци, и сите тие фрлаа камења со праќи, без да погрешат.
17 А Израелците, без Венијаминовите синови, броеја четиристотини илјади души мечоносци; сите тие беа способни за војна.
18 Тогаш Израеловите синови станаа и отидоа во Божјиот дом и Го запрашаа Бога: „Кој од нас прв ќе тргне во бој против синовите Венијаминови?“ И Господ одговори: „Јуда прв нека оди.“
19 Утрината станаа синовите Израелови и се распоредија на табори пред Гива;
20 и излегоа Израелците за борба против Венијамин и се наредија синовите Израелови во бојни редови близу до Гива.
21 Тогаш излегоа од Гива и синовите Венијаминови и во тој ден убија дваесет и две илјади Израелци.
22 Но, народот израелски се созеде и пак се нареди за борба на истото место, каде што беше претходниот ден.
23 И отидоа синовите Израелови пред Господ и плачеа до вечерта, па Го прашаа Господа: „Да влеземе ли пак во борба со синовите на нашиот брат Венијамин?“ Господ им рече: „Одете против него!“
24 И вториот ден Израеловите синови пак настапија против синовите на Венијамин.
25 Во тој ден излезе и Венијамин од Гива и беа убиени од синовите Израелови уште осумнаесет илјади души мечоносци.
26 Тогаш сите Израелови синови и сиот народ тргнаа и дојдоа во Божјиот дом, па седеа таму и плачеа пред Господ, постеа целиот ден до вечерта и Му принесоа на Бога сепаленици и жртви за мир.
27 И Го прашаа синовите Израелови Господа, — во тоа време ковчегот на заветот беше таму, —
28 и Финес, синот Елеазаров, син Аронов, стоеше пред него: „Дали да излеземе пак против нашиот брат Венијамин или не?“ Господ им рече: „Одете! Утре ќе го предадам во вашите раце.“
29 Тогаш Израел постави заседа околу Гива.
30 На третиот ден излегоа синовите Израелови против синовите на Венијамин, па, како и порано, се наредија за борба против Гива.
31 Венијаминовите синови излегоа против народот и се оддалечија од градот, и почнаа, како порано, да убиваат од народот по патиштата, од кои еден води за Ветил, а друг во Гива, преку полето, и убија до триесет души Израелци.
32 И Венијаминовите синови си рекоа: „Тие паѓаат пред нас како порано.“ А Израеловите синови си рекоа: „Да бегаме од нив и да ги одвлечеме од градот на патот.“
33 Тогаш сите Израелци станаа од местото свое и се наредија во Ваал-Тамар. А Израеловата заседа се спушти од местото свое од западната страна на Гива.
34 И се собраа против Гива десет илјади души одбрани од сиот Израел, и почна жестока борба. Но Венијаминовите синови не знаеја дека ќе ги снајде зло,
35 и Господ го разби Венијамин пред Израел, и Израелците кутнаа во тој ден од синовите Венијаминови дваесет и пет илјади и сто души вооружени со мечеви.
36 Кога Венијаминовите синови помислија дека се совладани од Израелците, кои им направија место, бидејќи Израелците се надеваа на заседата, што ја беа поставиле близу до Гива,
37 заседата побрза и се спушти кон Гива, — влезе и го порази со меч целиот град.
38 Израелците си беа договориле знак со заседата, да нападнат, кога ќе се крене дим од градот.
39 И така, кога Израелците отстапија од местото на борбата, и Венијамин почна да поразува и кутна до триесет души Израелци, велејќи: „Пак паѓаат пред нас, како и во поранешните судири“,
40 тогаш почна да се издига од градот дим како столб. Венијамин погледна назад, и ете, од целиот град излегува дим кон небото.
41 И Израелците се вратија, а Венијамин се уплаши, бидејќи виде дека го снашло зло.
42 И избегаа синовите Венијаминови од Израелците по патот кон пустината, но беа следени со колеж, и оние што излегуваа од градовите, таму ги убиваа;
43 го опколија Венијамин и го гонеа без почивка и го поразуваа до самата источна страна на Гева.
44 И од синовите Венијаминови паднаа осумнаесет илјади души, силни мажи.
45 А од другите што се свртеа и се спуштија спрема пустината, кон карпата Римон, насобраа пет илјади и ги гонеа дури до Гидом, и од нив убија две илјади души.
46 Сите, пак, Венијаминови синови, паднати тој ден, беа дваесет и пет илјади души, вооружени со мечеви, сите беа силни мажи.
47 Другите се свртеа и избегаа во пустината, накај карпата Римон, шестотини души и таму останаа четири месеци.
48 А Израелците се вратија кај синовите Венијаминови и ги поразија со меч, и луѓето од градот, и добитокот, и сѐ што имаше останато, и со оган ги изгореа сите градови што се наоѓаа по патот.