1Те прославувам Тебе, Господи, со сето срце свое, ги раскажувам сите чудеса Твои;
2се радувам и се веселам во Тебе, го воспевам името Твое, Севишен!
3Кога се повлекоа непријателите мои, се сопнаа, и погинаа пред Тебе.
4Бидејќи Ти се зазеде за мене и ме одбрани; седна на престолот Свој, досуди праведен суд.
5Им запрети на незнабошците, го погуби нечестивиот; името им го сотре за сите векови.
6Непријателот исчезна во вечни урнатини; градовите му ги разруши, и загина споменот за нив.
7Но Господ вечно седи на престолот; го подготвил престолот Свој за суд;
8Тој ќе му суди на светот според правда, на луѓето ќе им суди праведно.
9Господ им е тврдина на угнетените, крепост во време на неволја.
10Нека се надеваат на Тебе оние кои го знаат името Твое, бидејќи не ги оставаш оние што Те бараат.
11Пејте Му на Господ Кој живее на Сион, кажувајте ги на народите делата Негови;
12бидејќи Тој се одмаздува за крв; ја помни; не ги заборава пискотниците на угнетените.
13Смилувај се, Господи, на мене; погледај како страдам од непријателите мои, Ти, Кој ме избавуваш од портите на смртта.
14За да можам да ги искажам сите славослови за Тебе пред портите на ќерката Сионска и да воскликнувам радосно за спасението Твое.
15Попаѓаа незнабошците во јама, што сами ја направија; во замка, која сами ја наместија, се фати ногата нивна.
16Господ се појави и пресуди; во делата на рацете свои грешникот се заплетува.
17Ќе заминат во пеколот сите грешници, сите народи, кои Бога Го забораваат.
18Зашто нема засекогаш да биде заборавен сиромавиот, и надежта на бедните нема никогаш да пропадне.
19Стани, Господи, за да не се засили човекот; народите нека примаат суд пред Тебе.
20Заплаши ги, Господи, за да разберат незнабошците дека се само луѓе.