1Не премолчувај, не оглушувај се и не мирувај, Боже!
2Зашто ете Твоите непријатели вреват, а оние што Те мразат, кренаа глава;
3против Твојот народ зло наумија и се советуваат против Твоите приврзаници;
4рекоа: „Да одиме и да го истребиме меѓу народите, па да не се спомнува повеќе името Израел!“
5Се договорија еднодушно, склучија против Тебе сојуз;
6шаторите на Едом и Јишмаелците, на Моав и Агарјаните;
7Гевал, Амон, Амалик и Филистејците со оние што живеат во Тир,
8бидејќи и Ашур се придружи кон нив, па станаа помош за синовите Лотови.
9Направи им го истото, како што им направи на Мидјаните, како и на Сисера, како и на Јавин кај потокот Кишон,
10кои беа истребени во Ен-Дор и станаа ѓубриво за земјата.
11Постапи со нив, со нивните кнезови, како со Орев и Зев и со сите нивни кнезови, како со Зевеја и Салмана,
12бидејќи рекоа: „Да го присвоиме за себе светилиштето Божјо!“
13Боже мој, заповедај да станат како виор и како плева пред ветар;
14како оган што изгорува дубрави, и како пламен што запалува гори,
15така и Ти подгони ги со Својот виор, застраши ги со Својот гнев!
16Исполни ги лицата нивни со бесчестие, па да го побараат името Твое, Господи!
17Да се засрамат и да се збунат засекогаш, да се посрамат и да загинат,
18и да познаат дека Ти си Тој, чие име е Господ и дека Ти си единствен Севишен над целата Земја.