Psalms 84
1 Колку се мили Твоите живеалишта, Господи на силите!
2 Копнее душата моја, сакајќи да е во Господовите дворови; срцето мое и телото мое со радост се стремат кон живиот Бог.
3 И птичката си наоѓа живеалиште, и ластовичката гнездо, каде што ќе ги положи пилињата свои, при олтарите Твои, Господи на силите, царе мој и Боже мој!
4 Блажени се оние, кои живеат во домот Твој; тие постојано Те фалат.
5 Блажен е оној човек, кој заштита бара кај Тебе и во чие срце се патиштата Твои.
6 Преминувајќи ја Сушната Долина, тие ја претвораат во извори, и дожд ја покрива со вирови;
7 минуваат од сила во сила, додека не Го видат Бога, на Сион.
8 Господи, Боже на силите, услиши ја молитвата моја, послушај, Боже Јаковов!
9 Боже, заштитнику наш, погледај и види го лицето на твојот помазаник!
10 Зашто еден ден во Твоите дворови е подобар отколку — илјада дни надвор. Повеќе би сакал да стојам на прагот пред Божјиот дом, отколку да живеам во шаторите на нечестието.
11 Бидејќи Господ Бог е сонце и штит, Тој дава благодат и слава; Господ не ги лишува од блага оние, што одат непорочно.
12 Господи на силите, блажен е оној човек, кој се надева во Тебе!