1Само во Бога се успокојува душата моја, од Него е моето спасение.
2Зашто Тој е Бог мој, и мој Спасител. Тврдина моја: нема да се поколебам.
3До кога ќе притискате врз човекот? Го уривате сите вие како наклонет ѕид и накривена ограда!
4Намисливте да го уништите моето достоинство со лага; со устата своја благословувате, а со срцето свое колнете.
5А ти, душо моја, само на Бога чекај, зашто само во Него е мојата надеж.
6Само Тој е моја Карпа и Спасител мој: тврдина моја и нема веќе да се колебам.
7Во Бога е моето спасение и мојата слава; Бог ми е силна карпа и прибежиште мое.
8Надевајте се во Него сите луѓе во секое време; отворете го срцето ваше пред Него: Бог е нашето прибежиште.
9Синовите човечки се само суета; синовите човечки се лага; кога би ги ставиле на мерило, тие сите заедно би биле полесни од здив!
10Не верувајте во насилство и не посакувајте грабеж; кога богатството расте, не приврзувајте го срцето кон него.
11Еднаш Бог рече, а двапати јас го чув тоа дека силата е во Бога,
12дека во Тебе, Господи, е силата Божја и дека во Тебе има милост, зашто Ти му плаќаш на секого според делата негови.