1Спаси ме од непријателите мои, Боже мој, заштити ме од оние што стануваат против мене!
2Избави ме од оние, што вршат беззаконија; спаси ме и од крвниците;
3зашто, ете, тие ја демнат душата моја; ме напаѓаат силните без престап мој и без грев мој, Господи.
4Без моја вина навалија на мене; стани, излези ми во пресрет и погледај.
5Ти, Господи, Боже на силите, Боже Израелов, разбуди се и казни ги сите овие народи и не поштедувај ниеден од оние што вршат беззаконие.
6Навечер тие се враќаат, вијат како кучиња и одат околу градот.
7И, ете, блујат со јазикот свој; во устата имаат меч, „Зашто, — си велат тие, — кој ќе чуе?“
8Но Ти, Господи, им се смееш; им се подбиваш на сите безбожни народи.
9Сило моја, Тебе те очекувам, зашто Ти си, Боже, мое прибежиште.
10Мојот Бог, ќе ме пресретне со љубов, Бог мој, Кој ми ги покорува моите непријатели.
11Не убивај ги, за да не заборави мојот народ; растури ги со силата Своја и победи ги, Господи, заштитниче наш.
12За гревот на устата нивна; за зборот во устата нивна нека се фатат во гордоста своја, бидејќи само клетви и лаги кажуваат.
13Истреби ги во гнев, и нема веќе да ги има; за да увидат дека Бог управува над Јаков и до краиштата на земјата.
14Навраќаат секоја вечер, завиваат како кучиња, и одат околу градот;
15тие скитаат барајќи храна, а кога нема да се заситат, ги поминуваат ноќите 'ржејќи.
16Јас, пак, со песна ќе ја славам Твојата сила и од рани зори ќе се зарадувам со Твојата милост, бидејќи Ти ми беше закрила и прибежиште во денот на мојата несреќа.
17Сило моја, Тебе Ти пеам, зашто Ти си закрила, Боже мој, милост моја.