Psalms 56
1 Смилувај се Боже, на мене, луѓето ме газат, напаѓајќи секој ден, душманот ме притиска.
2 Моите непријатели по цел ден ме газат, зашто мнозина се оние, кои ме напаѓаат.
3 Кога страв ќе ме спопадне, во Тебе се надевам, Севишен.
4 Божјото ветување го славам; на Бога се надевам. Нема да се плашам; што може да ми направи човек?
5 Секој ден ги извртуваат зборовите мои; сите нивни мисли упатени против мене се зло.
6 Се собираат и се кријат, ги набљудуваат чекорите мои, упорно работат против мојот живот.
7 Плати им за нивниот злочин со гнев Боже, собори ги народите!
8 Ти ги броеше моите маки, солзите мои ги собираше во мешина. Зар не е сѐ запишано во Твојата книга?
9 Непријателите мои ќе се вратат назад, секогаш кога Те призовувам; по тоа знам дека Бог е за мене.
10 Божјото ветување го славам; се фалам за зборот Господов,
11 во Бога имам верба, не се плашам; што може да ми направи човекот?
12 Ме обврзуваат, Боже, ветувањата што Ти ги дадов; благодарствени молитви ќе Ти упатам.
13 Зашто Ти ја избави душата моја од смрт, а и нозете мои од сопнување, за да одам пред Бога во светлината на живите.