1Помилуј ме, Боже, поради големата Твоја милост, и заради големата Твоја добрина избриши ги беззаконијата мои.
2Измиј ме темелно од моето беззаконие и очисти ме од мојот грев,
3зашто престапите мои ги знам и мојот грев е секогаш пред мене.
4Против Тебе, само против Тебе згрешив и пред Тебе зло извршив, така што Ти си праведен кога ќе пресудуваш и беспрекорен кога ќе судиш.
5Ете, грешен сум роден, грешник уште од кога ме зачна мајка ми.
6Ти ја сакаш вистината во срцето, и внатре во мене ме учиш на мудроста Твоја.
7Пороси ме со исоп, и ќе бидам чист; измиј ме и ќе бидам побел од снег.
8Дај ми да чујам радост и веселба, нека се зарадуваат коските што Ти ми ги здроби.
9Одврати го лицето Свое од гревовите мои и избриши ги сите мои беззаконија.
10Создај чисто срце во мене, Боже, и нов и прав дух стави во мене.
11Не отфрлај ме од лицето Свое и Светиот Дух Твој не одземај Го од мене.
12Врати ми ја радоста на спасението од Тебе и благороден дух зацврсти во мене.
13Тогаш ќе ги научам престапниците да одат по Твоите патишта, и грешниците кон Тебе ќе се обраќаат.
14Ослободи ме од пролеаната крв, Боже, Боже на моето спасение, и јазикот мој ќе пее за Твоето избавување!
15Господи, отвори ја устата моја, и устата моја ќе ја објави похвалата Твоја;
16зашто, жртви не ти се мили, кога би ти принел сепаленици, Ти не би ги примил.
17Жртвата пред Бога е срушен дух; срце понизно и смирено Ти, Боже, не отфрлуваш.
18Господи, направи му добро на Сион, според благоволението Свое, обнови ги ѕидовите ерусалимски.
19Тогаш ќе Ти бидат угодни жртвите на правдата, вознесувањата и жртвите сепаленици; тогаш на Твојот олтар ќе принесуваат телци.