1Бог над боговите, Господ, говори и ја повикува земјата од сончевиот изгрев до запад.
2Од Сион, кој е врв на убавината, заблескува Бог;
3доаѓа нашиот Бог, и нема да молчи; пред Него ќе има оган што проголтува, околу Него бура.
4Тој ќе ги повика небото горе и земјата, за да му суди на Својот народ:
5„Соберете ги кај Мене светиите Мои, кои Ми се заветуваа преку жртва!“
6И небесата ќе ја огласат Неговата праведност, зашто Бог е судија.
7„Чуј, народе Мој, и Јас ќе говорам, Израеле, ќе сведочам против тебе: Јас сум Бог, Твој Бог.
8Нема да те прекорувам поради твоите жртви; твоите сепаленици секогаш се пред Мене;
9нема потреба да примам телци од твојот дом, ниту козли од стадата твои,
10зашто Мои се сите горски ѕверови и добитокот по горите и говедата.
11Ги познавам сите птици небески, и убавината на полињата е пред Мене,
12ако огладнам, нема да ти кажам тебе, зашто Моја е вселената и сѐ што ја исполнува.
13Зар Јас јадам јунешко месо и пијам крв јарешка?
14Принеси Му на Бога благодарствена жртва и исполнувај ги своите завети пред Севишниот.
15И повикај Ме во тежок ден; Јас ќе те избавам, а ти ќе Ме прославиш.“
16А на грешникот Бог му вели: „Зошто напамет ги кажуваш Моите одредби и со уста го спомнуваш Мојот завет?“
17А самиот ја мразиш поуката Моја и зад грб ги фрлаш зборовите Мои?
18Кога ќе видиш крадец, се зближуваш со него и со прељубници се дружиш;
19устата твоја е полна со злоба, и јазикот твој измами плете;
20седиш и го клеветиш братот свој, синот на својата мајка го озборуваш.
21Ти го изврши тоа, а Јас молчев; ти си помисли дека Јас сум, каков што си ти. Ќе те изобличам и ќе ти ги изнесам пред лицето твое.
22Разберете го ова вие, кои Го заборавате Бога, за да не ве раскине, па тогаш ќе нема избавител.
23Кој принесува жртва благодарствена, тој Ме прославува, и кој го следи Мојот пат, нему ќе му го соопштам Божјото спасение.