Psalms 49
1 Чујте го ова сите народи; внимавајте вие сите што живеете по светот,
2 мали и големи, богати и сиромаси заедно.
3 Устата моја ќе говори мудрост, и мислата на срцето мое — разбирливи нешта.
4 Ќе го наклонам увото свое кон поучни изреки: со харфа ќе ја изложам гатанката моја.
5 Зошто да се плашам во тешки денови, кога беззаконието на моите предавници ќе ме опколи?
6 Вие, што имате верба во силите свои и се фалите со големото богатство свое, чујте:
7 Никој не може себеси да се искупи, ниту може човекот да Му плати откуп на Бога,
8 ниту цена за откуп на душата своја, бидејќи таа е превисока,
9 дури и да се мачи долго, да живее вечно и гроб да не види.
10 Зашто и мудрите умираат, неразумните и безумните загинуваат заедно, а го оставаат богатството на други.
11 Нивните гробови ќе им бидат вечни домови, живеалиштата од род во род, иако земјите нивни ги носат имињата нивни.
12 И човек што живее неразумно, прилега на животните што загинуваат.
13 Таква им е судбината на безумниците, крајот на оние што се задоволни со својот дел.
14 Тие се како овци определени за во пеколот, смртта им е пастир, а в зори праведните ќе господарат над нив; силата нивна ќе се истроши, пеколот ќе им биде дом.
15 Но Бог ќе ја спаси душата моја од раката на пеколот, милостиво ќе ме прими.
16 Не плаши се кога човек се збогатува, кога богатството на домот негов расте;
17 зашто, умирајќи, ништо нема да земе, ниту, пак, богатството негово ќе појде по него;
18 макар што при животот негов се сметал за среќен — а тебе те фалат кога си угодуваш —
19 и тој ќе им се придружи на своите предци, нема никогаш да види светлина.
20 Човек, кој неразумно живее, сличен е на животните што загинуваат.