Psalms 48
1 Голем е Господ и многу фален во градот на нашиот Бог, на Својата света гора.
2 Прекрасна возвишеност, радост на целата земја е гората Сион; на северната страна нејзина е градот на големиот Цар.
3 Бог, Кој е во Неговите тврдини, се покажа како сигурна одбрана.
4 Зашто, ете, се собраа царевите земни и сите дојдоа заедно,
5 па, откако видоа, се восхитија, се стаписаа и збунети побегнаа:
6 страв ги опфати таму, па се мачеа како жена родилка;
7 како силен ветар што ги разбива таршишките кораби.
8 Како што чувме, така и видовме во градот на Господ Саваот, во градот на нашиот Бог: Бог го основа за довека.
9 Ја спомнуваме, Боже, милоста Твоја среде храмот Твој.
10 Името Твое, Боже, како и Твојата слава досегаат до краиштата на земјата: Твојата десница е полна со победа.
11 Нека се весели гората Сион, и да се радуваат јудејските ќерки заради Твоите судови.
12 Одете околу Сион и обиколете го, избројте ги кулите негови.
13 Видете ги бедемите негови, разгледајте ги неговите дворци, за да му раскажете на идниот род,
14 дека овој Бог е наш Бог во сите векови: Тој ќе ни биде пастир вечен.