1Бог ни е нам прибежиште и сила, докажан помошник, во неволја.
2Затоа нема да се уплашиме, па макар и земјата да се разниша, и горите да се срушат во срцето морско.
3И ако бучат и се креваат водите нивни, и да се тресат горите од жестината нивна.
4Речните потоци го веселат Божјиот град, Светото живеалиште на Севишниот.
5Бог е среде него; тој нема да се разниша: Бог ќе му помогне уште пред зори.
6Се збунија народите; се потресоа царствата; го пушти Својот глас, и земјата се топи.
7Господ Саваот е со нас, Јакововиот Бог е наше прибежиште.
8Дојдете и видете ги делата Божји — пустошењата што ги направи Тој на Земјата.
9Прекратувајќи ги војните до крајот на Земјата, ќе го скрши лакот и ќе го здроби копјето, и штитовите големи со оган ќе ги изгори.
10Застанете и разберете дека Јас сум Бог, возвишен над народите, возвишен над Земјата.
11Господ Саваот е со нас, Јакововиот Бог е наше прибежиште.