1Од срцето мое се изливаат благи зборови; Му ги посветувам на Царот стиховите мои; јазикот ми е како перо на брзописец.
2Ти си најпрекрасниот меѓу синовите човечки, благодат се излива од Твојата уста; затоа Бог Те благословил довека.
3Препаши го на бедрото мечот Свој, о силнику: во Својата красота и убавина!
4И така величествен, поитај победоносно заради вистината, кротоста и правдата, и Твојата десница ќе покаже чудесни дела.
5Изострени се Твоите стрели, народите ќе паднат пред Тебе, — тие ќе се забодат во срцата на царските непријатели.
6Твојот престол, Боже, е вечен: жезолот на правдата е жезол на Твоето царство.
7Ти ја љубиш праведноста и го мразиш беззаконието; затоа, Бог, Твојот Бог, Те помаза со миризливо масло на радоста повеќе од Твоите собраќа.
8Сите Твои облеки мирисаат на смирна, алој и касија; кога излегуваш од дворците од слонова коска, харфи те развеселуваат.
9Царски ќерки се во Твојата почесна придружба; царицата стои покрај Тебе оддесно, украсена со офирско злато.
10Чуј, ќерко, види, приклони го увото свое: заборави го твојот народ и домот на таткото твој!
11Зашто Царот ја посака твојата убавина, зашто Тој е твој Господар и приклони Му се тогаш ти.
12И ќерката тирска ќе Му се поклони со подароци и најбогатите меѓу народот ќе ја бараат твојата благонаклоност.
13Сета слава на царската ќерка е внатре: нејзината облека е везена со злато;
14во везена облека ќе ја доведуваат кај Царот; по неа одат девици, нејзини другарки.
15Ги доведуваат со веселба и радост, влегуваат во Царевиот дворец.
16Место твоите татковци, овде ќе бидат твоите синови; Ти ќе ги поставиш за кнезови по целата земја.
17Ќе го спомнуваат името Твое од род во род; затоа народите ќе Те слават од век до век.