Psalms 34
1 Ќе Го благословувам Господа во секое време; похвала за Него секогаш ќе има во мојата уста.
2 Со Господ ќе се фали душата моја! Нека го чујат тоа понизните и нека се зарадуваат.
3 Величајте Го Господа со мене, и заедно да го возвишуваме името Негово.
4 Го побарав Господа, и Тој ме чу и од сите стравови мои ме избави.
5 Кон Него погледнете и разведрете се и лицата ваши нема да се посрамат.
6 Несреќниот вика и Господ го слуша и го спасува од сите негови неволји.
7 Ангел Господов се улогорува околу оние, кои се бојат од Него, и ги спасува.
8 Вкусете и ќе видите, колку е добар Господ! Блажен е оној човек, кој кај Него прибегнува!
9 Имајте страхопочит кон Господ, сите праведници Негови, зашто ништо нема да им недостига на оние кои имаат страхопочит кон Него.
10 Осиромашија и огладнеа богатите, а оние што Го побараа Господа, не ќе бидат лишени од секакви добра.
11 Дојдете, чеда, послушајте ме: јас ќе ве научам да имате страхопочит кон Господ.
12 Сака ли човек да живее и да види добри денови,
13 нека си го воздржува јазикот од зло и устата своја од лаги,
14 нека се клони од зло и нека прави добро; да бара мир и да врви по него.
15 Очите на Господ се насочени кон праведните, и ушите Негови — кон молитвите нивни.
16 Но лицето на Господ е против оние што вршат зло; ќе го истреби од Земјата споменот за нив.
17 Кога викаат праведните, Господ ги слуша и ги спасува од сите маки нивни.
18 Блиску е Господ до оние со скршено срце, и смирените по дух ќе ги спаси.
19 Бројни се маките на праведните, но од сите нив Господ ќе ги избави.
20 Господ ги чува сите коски нивни; ниедна од нив нема да се скрши.
21 Злото му носи смрт на грешникот; оние, што го мразат праведниот, ќе платат.
22 Господ ќе ги спаси душите на слугите Свои, и никој од оние, кои прибегнуваат кон Него, нема да биде осуден.