1Кон Тебе, Господи, ја издигнувам душата своја.
2Боже мој, во Тебе се надевам, да не се посрамам, да не ликуваат над мене непријателите мои,
3да не се посрамат оние што се надеваат на Тебе; да се посрамат оние, што со леснотија изневеруваат.
4Покажи ми ги, Господи, патиштата Твои и научи ме да врвам по патеките Твои.
5Упати ме кон Твојата вистина и научи ме, зашто Ти си Бог на моето спасение; на Тебе се надевам секој ден.
6Спомни си ги штедростите Твои, Господи, и милостите Твои, зашто се вечни.
7Гревовите на младоста моја и престапите мои не споменувај ги; по милоста Своја сети се на мене, заради Твојата доброта, Господи!
8Добар и праведен е Господ, грешниците ги изведува на пат,
9ги упатува понизните кон правда и ги учи понизните на Своите патишта.
10Сите патишта Господови се милост и вистина за оние, кои го пазат заветот Негов и уредбите Негови.
11Заради Твоето име, Господи, прости ми го гревот мој, зашто е голем.
12Кои се тие што имаат страхопочит кон Господ? Ним Тој ќе им покаже кој пат да го изберат.
13Нивната душа ќе почива во добро, нивното семе ќе ја наследи земјата.
14Близок им е Господ на оние што имаат страхопочит кон Него; ним им го открива заветот Свој.
15Очите мои секогаш се кон Господ, зашто Тој ги вади од стапица нозете мои.
16Погледни на мене и смилувај се на мене, зашто сум самотен и во мака.
17Скрбите на срцето мое олесни ми ги; извади ме од мојата потиштеност.
18Погледај ги страдањата и маките мои, па прости ми ги сите гревови мои.
19Погледај ги моите непријатели, колку многу се намножија и колку многу ме мразат!
20Запази ја душата моја и избави ме, за да не се посрамам, зашто во Тебе се надевам.
21Непорочноста и правдата нека ме чуваат, зашто во Тебе се надевам, Господи.
22Избави го, Боже, Израел од сите неволји негови.