1Господи, Ти си ме испитал и ме знаеш.
2Ти знаеш кога седнувам и кога станувам; Ти оддалеку ги разбираш мислите мои.
3Одам или лежам, Ти сѐ гледаш, сите патишта мои си ги предвидел.
4Уште зборови не ми дошле до јазикот мој, Ти, Господи, веќе ги знаеш:
5Ти ме опкружуваш, зад мене си, пред мене си; раката Твоја е положена над мене.
6Се восхитувам на Твоето знаење, — тоа е превисоко, не можам да му пријдам!
7Каде да одам од Твојот дух, и од лицето Твое каде да побегнам?
8Ако се искачам на небото — Ти си таму; ако слезам во Подземјето, Ти си и тука.
9Ако ги земам крилјата на зората и се преселам на крајот од морето, —
10и таму ќе ме води Твојата рака, Твојата десница ќе ме држи.
11Ако речам: можеби темнина ќе ме покрие, но и ноќта е како светлина околу мене;
12и темнината нема да биде темнина за Тебе; и ноќта за Тебе е светла како ден и темнината како светлина.
13Зашто Ти си ја создал мојата внатрешност и ме оформи во мајчината ми утроба.
14Те прославувам затоа што сум чудесно создаден. Прекрасни се Твоите дела; душата моја тоа добро го знае.
15Ниедна моја коска не се сокри од Тебе, додека настанував во тајност, исткаен во длабините на земјата.
16Твоите очи го видоа зародишот мој и во Книгата Твоја сѐ е запишано за мене дури и деновите мои се забележани кога уште не постоеше ниеден.
17Колку ми се недостапни Твоите мисли, Боже, колку се многубројни!
18Да ги пребројам — но тие се побројни и од песокот; се будам и сѐ уште сум со Тебе.
19Кога би сакал да ги убиеш, Боже, грешниците; иставете се од мене, крвопијци!
20Подмолни се во помислите свои, суетно се креваат Твоите непријатели.
21Зар не ги замразив оние, Господи, кои Тебе Те мразат, и зар не се гнасам од непријателите Твои?
22Со полна омраза ги замразив; ги сметам за непријатели.
23Испитај ме, Боже, и познај го срцето мое; испитај ме и запознај ги патеките мои;
24и види дали сум на пат на беззаконија, и упати ме на вечен пат.