1Спаси ме, Господи, од злобен човек и избави ме од насилници;
2тие смислија зло во срцето свое, секој ден зачнуваат војни;
3ги изострија јазиците свои како змија; под устите им е аспидин отров.
4Запази, ме, Господи, од рацете на нечестив човек. Избави ме од луѓе насилници, кои смислија да ми подметнат нога.
5Горделивите тајно поставија стапица, и распнаа примки од јажиња за мене; на патот ми поставија примка.
6Јас Му реков на Господ: Ти си Бог мој: слушни го, Господи, гласот на моето молење.
7Господи, Господи, сило на моето спасение! Ти, Кој во денот на битката ја засолни главата моја,
8не давај, Господи, да му се исполни желбата на нечестивиот; не давај да постигнат, што намислија за да не се возгордеат.
9Главата своја да не ја подигнат оние што ме опколија; нека падне врз нив злобата на нивната сопствена уста.
10Нека паднат врз нив жарени јаглења; да бидат фрлени во јама, па да не станат.
11Клеветникот нема да се одржи на земјава; злото ќе го одвлече неправедниот човек во погибел.
12Знам дека Господ ќе покаже правда за угнетените и милост за сиромасите.
13Да, праведниците ќе го исповедаат името Твое, и непорочните ќе се населат пред лицето Твое.