1Ќе Те славам Тебе, Господи, со сето срце свое и ќе Ти пеам пред ангелите Твои, зашто ги слушна сите зборови на устата моја.
2Се поклонувам пред светиот Твој храм и го славам името Твое за милоста Твоја и за верноста Твоја, зашто го возвеличи името Свое свето над сѐ.
3Во оној ден кога ќе Те повикам, услиши ме брзо, внеси бодрост во душата моја.
4Ќе Те прославуваат, Господи, сите земни цареви, штом ќе ги чујат зборовите од Твојата уста,
5и ќе воспеваат за патиштата Господови, зашто е голема славата Господова.
6Зашто возвишен е Господ: и понизниот го гледа, а горделивиот оддалеку го познава.
7Кога ќе се најдам во неволји — Ти живот ми даваш, ја пружаш раката и Твојата десница ме спасува.
8Господ ќе направи што е добро за мене! Твојата милост, Господи, е вечна; делата на рацете Свои не оставај ги!