Psalms 119
1 Блажени се непорочните во патот нивни, зашто одат според законот Господов.
2 Блажени се оние кои ги пазат сведоштвата Негови и од сѐ срце Го бараат,
3 оние кои не вршат беззаконие, туку одат по Неговите патишта.
4 Ти заповеда грижливо да се пазат Твоите заповеди.
5 О, да се управат моите патишта за да ги чувам Твоите заповеди!
6 Тогаш нема да се засрамам, гледајќи ги сите Твои заповеди.
7 Ќе Те славам Господи со чисто срце, кога ќе ги научам Твоите праведни судови.
8 Ќе ги пазам Твоите заповеди; не оставај ме сосема.
9 Како момчето ќе го запази во чистота патот свој? — Ако ги пази зборовите Твои!
10 Со сето срце мое Те барам, не дозволувај да застранам од Твоите заповеди.
11 Ги сокрив во срцето свое заповедите Твои, за да не грешам пред Тебе.
12 Благословен си Ти, Господи! Научи ме на Твоите повелби.
13 Со устата своја ги разгласив сите уредби од устата Твоја.
14 По патот на Твоите сведоштва се насладувам како во секое богатство.
15 Ќе размислам за Твоите заповеди и ќе ги управувам очите мои на патот Твој.
16 Од повелбите Твои ќе се поучувам, нема да ги заборавам Твоите зборови.
17 Покажи милост кон Твојот слуга, и ќе живеам и ќе ги пазам Твоите зборови.
18 Отвори ги очите мои, и ќе ги разберам чудесата од Твојот закон.
19 Придојден сум на земјава, не сокривај ги од мене Твоите заповеди.
20 И копнее душата моја во секое време да ги сака Твоите уредби.
21 Ти ги укоруваш горделивите; проклети да се оние, кои се отклонуваат од Твоите заповеди.
22 Отстрани го од мене прекорот и презирот, зашто ги пазев Твоите прописи.
23 Кнезовите седат и ме клеветат, а Твојот слуга размислува за Твоите повелби.
24 Сведоштвата, пак, Твои се поука моја, а наредбите Твои — советници.
25 Душата моја лежи во прав: оживи ме според зборот Твој.
26 Патиштата мои Ти ги кажав, и Ти ме чу; научи ме на Твоите повелби.
27 Вразуми ме да го разберам патот на Твоите повелби и јас ќе размислувам за Твоите чудеса.
28 Душата моја засолзи од тага, зацврсти ме со зборовите Твои.
29 Отстрани го од мене патот на лагата и научи ме на законот Твој.
30 Го избрав патот на вистината, и не ги заборавив Твоите судови.
31 Се приврзав за сведоштвата Твои, Господи: не ме посрамувај.
32 Ќе брзам по патот на Твоите заповеди, кога ќе го прошириш моето разбирање.
33 Покажи ми го, Господи, патот на Твоите наредби и ќе се придржувам за нив до крај.
34 Поучи ме, и ќе се држам за законот Твој и ќе го пазам со сето срце свое.
35 Упати ме на патеката на Твоите заповеди, зашто многу ја засакав.
36 Приклони го срцето мое кон Твоите сведоштва, а не кон лакомства.
37 Сврти ги очите мои за да не гледам суета: оживи ме на Својот пат.
38 Во слугата Свој внеси збор Свој за да се бои од Тебе.
39 Отстрани го од мене прекорот, од кој се плашам, зашто Твоите уредби се прекрасни.
40 Ете, јас копнеам по Твоите правила: Оживеј ме според Својата праведност.
41 И нека милоста Твоја, Господи, пријде на мене, и спасението од Тебе според зборовите Твои, —
42 и јас ќе им одговорам на оние што ме навредуваат, зашто верувам во зборовите Твои.
43 Не одземај го сосема од устата моја словото на вистината, зашто јас се надевам на Твоите уредби.
44 И ќе го чувам Твојот закон засекогаш и во векови.
45 Ќе одам слободно, зашто ги барам Твоите заповеди.
46 И ќе зборувам за сведоштвата Твои пред царевите, и нема да се посрамам;
47 им се насладувам на Твоите заповеди, кои многу ги засакав;
48 ќе ги протегнам рацете свои кон Твоите заповеди, кои ги возљубив, и ќе размислувам за Твоите наредби.
49 Спомни си за словото Твое кон Твојот слуга, со кое си му дал надеж.
50 Тоа ме утешува во неволјата моја, зашто Твоето слово ме оживува.
51 Горделивите жестоко ме напаѓаат, но јас не се отстранив од Твоите закони.
52 Кога си спомнувам за Твоите уредби од старина, Господи, се утешувам.
53 Лутина ме обзема од нечестивите што го напуштаат Твојот закон.
54 Повелбите Твои ми беа песна кога патував во некое место.
55 Ноќе го споменувам името Твое, Господи, и го пазам законот Твој.
56 Тој стана мој, зашто ги пазам Твоите правила.
57 Дел мој си Ти, Господи, — си реков — ќе го пазам законот Твој.
58 Му се помолив на лицето Твое од сѐ срце: помилуј ме, според словото Твое.
59 Размислувам за Твоите патишта и ги свртувам нозете мои кон Твоите уредби.
60 Брзам и не се колебам да ги запазам Твоите заповеди.
61 Замки од нечестиви ме опкружија, но јас не го заборавив Твојот закон.
62 На полноќ станувам да Те величам поради Твоите праведни уредби.
63 Јас сум меѓу оние што се бојат од Тебе и кои ги пазат Твоите правила.
64 Со Твојата милост, Господи, Земјата е полна; научи ме на Твоите повелби.
65 Добрини си му направил, Господи, на Твојот слуга според Твоето слово.
66 Научи ме на добро и на разумно, зашто верувам во Твоите заповеди.
67 Пред моето страдање бев застранил, а сега го пазам Твојот збор.
68 Ти си добар, Господи, и поради добрината Твоја научи ме на Твоите повелби.
69 Се зголеми неправдата од гордите врз мене, но јас од сѐ срце ги пазам Твоите правила.
70 Срцето им е бездушно како сало, но јас уживам со Твојот закон.
71 Добро ми е што бев понижен, за да се научам на Твоите повелби.
72 Законот на Твојата уста за мене е подобар отколку илјадници златници и сребреници.
73 Твоите раце ме создадоа и изградија: вразуми ме, и ќе се научам на Твоите заповеди.
74 Оние, кои се бојат од Тебе, кога ќе ме видат ќе се зарадуваат, затоа што се надевав во Твоите зборови.
75 Знам, Господи дека Твоите судови се праведни, и според справедливоста Твоја Ти ме казни.
76 Па нека ми биде милоста Твоја утеха, според Твоето слово кон Твојот слуга.
77 Нека пријде на мене Твојата штедрост, и јас ќе живеам, зашто законот Твој е утеха моја.
78 Нека се посрамат горделивите, зашто неправедно и без вина ме обвинуваат; а јас ќе размислувам за Твоите правила.
79 Нека ми се приклонат оние што се плашат од Тебе, за да ги научат Твоите уредби.
80 Нека биде срцето мое непорочно во Твоите повелби, та да не се посрамам.
81 Копнее душата моја за Твоето спасение; јас се надевам во Твоите зборови.
82 Очите мои попуштија од желба за Твоето слово, велејќи: кога ќе ме утешиш?
83 Зашто станав како мев во дим, но Твоите повелби не ги заборавив.
84 Колку долго ќе чека Твојот слуга? Кога ќе извршиш суд над моите гонители?
85 Горделивите ми ископаа јама; тие го кршат Твојот закон.
86 Сите Твои заповеди се вистина. Неправедно ме гонат: помогни ми!
87 За малку ќе ме убиеја на земјата, но јас не ги оставив Твоите заповеди.
88 Според Твојата милост зачувај ми го животот, и јас ќе ги пазам сведоштвата од Твојата уста.
89 Ти постоиш вечно, Господи; Твоето слово засекогаш е утврдено на небото;
90 Твојата верност е од род во род. Ти си ја поставил Земјата, и таа стои.
91 Според Твоја волја постојат денес; сѐ што постои, Тебе ти служи.
92 Да не беше Твојот закон утеха за мене, јас ќе загинев во неволјата своја.
93 Никогаш нема да ги заборавам Твоите правила, зашто преку нив ме оживуваш.
94 Твој сум јас, спаси ме, зашто ги барав Твоите правила.
95 Нечестивите демнат за да ме убијат, но јас пазам на уредбите Твои.
96 Го видов крајот на секое совршенство, но Твоите заповеди се безгранични.
97 Колку го засакав, Господи, Твојот закон; секој ден се поучувам од него.
98 Со Твојата заповед ме направи помудар од непријателите мои, зашто таа е секогаш со мене.
99 Станав поразумен од сите учители мои, зашто сведоштвата Твои се моја поука.
100 Поумен станав од старите, зашто ги пазам Твоите заповеди.
101 Ги задржувам нозете свои од секаков лош пат, за да го пазам словото Твое.
102 Од твоите уредби нема да се откажам, зашто Ти ме поучи.
103 Колку се слатки за грлото мое зборовите Твои, послатки се од мед во устата моја.
104 Преку твоите заповеди станав разумен; затоа го замразив секој лажен пат.
105 Твоето слово е светилник на нозете мои и светлина за патеката моја.
106 Се заколнав и реков дека ќе ги пазам Твоите праведни судови, и ќе ги исполнувам.
107 Многу сум нажален, оживи ме, Господи, поради Твоето слово.
108 Прими ги моите благодарници, Господи, и научи ме на Твоите уредби.
109 Животот ми е постојано во опасност, но Твојот закон не го заборавив.
110 Нечестивите ми поставија замка, но јас не се отстранив од Твоите заповеди.
111 Твоите уредби ми се вечно наследство, тие се голема радост за срцето мое.
112 Го натерав срцето свое да ги извршува повелбите Твои, секогаш и до крај.
113 Оние со дволично срце ги замразив, но Твојот закон го сакам.
114 Ти си ми заштита и штит: во Твоето слово се надевам.
115 Иставете се од мене злосторници, за да ги запазам заповедите на мојот Бог.
116 Поддржи ме според Твоето слово, и јас ќе живеам; не посрамувај ме во надежта моја;
117 помогни ми, и ќе се спасам: и Твоите повелби постојано ќе ги пазам.
118 Ти ги презираш оние, кои отстапуваат од Твоите повелби, зашто нивните мисли се неправедни.
119 Сите грешници земни ги сметаш за 'рѓа, затоа засекогаш ги засакав Твоите уредби.
120 Од страв пред Тебе трепери телото мое, и од Твоите судови се плашам.
121 Го правев она што е право и праведно; не предавај ме на моите угнетувачи.
122 Заложи се за доброто на Својот слуга, та да не ме сотрат горделивите.
123 Очите ми копнеат, очекувајќи го спасението од Тебе, и словото на Твојата правда.
124 Постапи со Твојот слуга според милоста Своја и научи ме на Твоите повелби.
125 Слуга Твој сум јас: вразуми ме и ќе ги познаам уредбите Твои.
126 Време е, Господи, да се дејствува: Твојот закон го осквернија.
127 Затоа ги засакав заповедите Твои и од топаз и од злато повеќе.
128 Затоа се управував според сите Твои заповеди и лажниот пат го замразив.
129 Прекрасни се Твоите сведоштва: затоа душата моја ги запазува.
130 Објавувањето на Твоите зборови просветува и скромните ги вразумува.
131 Со отворена уста копнеам, зашто жеден сум за Твоите заповеди.
132 Погледај кон мене и помилуј ме, како што постапуваш со оние, кои го сакаат Твоето име.
133 Управувај ги стапките мои според Твоето слово и не допуштај со мене да овладее никакво беззаконие.
134 Избави ме од човечко насилство за да ги пазам Твоите заповеди,
135 озари го Твојот слуга со светлината на лицето Твое, и научи ме на Твоите заповеди.
136 Од очите мои потоци солзи течат, зашто не го пазат Твојот закон.
137 Праведен си Ти, Господи, и праведни се Твоите пресуди.
138 Твоите сведоштва, што си ги дал, се засновани на правда и целосна вистина.
139 Ревноста моја ме јаде, зашто непријателите мои ги заборавија Твоите слова.
140 Твоето слово е темелно испитано, и Твојот слуга го сака.
141 Мал сум и презрен, но Твоите правила не ги заборавив.
142 Твојата праведност е вечна праведност, и Твојот закон е вистина.
143 Скрб и мака ме обзедоа; Твоите заповеди се моето уживање.
144 Твоите уредби се праведни довека; вразуми ме, и ќе живеам.
145 Те повикувам со сето срце мое, услиши ме, Господи, — и ќе ги пазам повелбите Твои.
146 Тебе Те повикувам: спаси ме, за да ги пазам Твоите уредби.
147 Ја испреварувам зората и викам; на Твоето слово се надевам.
148 Очите мои се отвораат пред утринската стража, за да се поучам на Твоите слова.
149 Чуј го мојот глас, според милоста Своја, Господи; според Твојата правда, зачувај ме во живот.
150 Се приближија оние што ме прогонуваат со зла намера; од законот Твој тие се оддалечија.
151 Но Ти си близок, Господи, и сите Твои заповеди се вистина.
152 Одамна знам за Твоите уредби, зашто си ги утврдил засекогаш.
153 Погледај на мојата потиштеност и избави ме, зашто не го заборавив Твојот закон.
154 Пресуди според мојата правда и искупи ме; заради словото Твое оживеј ме.
155 Далеку е спасението од нечестивите, зашто тие не ги бараат Твоите повелби.
156 Голема е Твојата милост, Господи, според Твојата правда оживи ме.
157 Многумина ме гонеа и мачеа, но од Твоите уредби јас не отстапив.
158 Ги гледам неверниците и се гнасам, зашто словата Твои не ги пазат.
159 Погледни како ги сакам заповедите Твои, запази ми го животот, Господи, поради Твојата милост.
160 Вистината е основа на Твоите слова; и секоја Твоја праведна одредба трае вечно.
161 Кнезовите ме гонат без вина, но срцето мое се плаши само од Твоите зборови.
162 Се радувам на Твоето слово, како оној кој нашол големо благо.
163 Ја замразив неправдата и се гнасам од неа; а Твојот закон го сакам.
164 Седумпати на ден Те прославувам за Твоите праведни одредби.
165 Голем е мирот кај оние, кои го сакаат Твојот закон, и за нив нема соблазна.
166 Го чекам спасението од Тебе, Господи, и Твоите заповеди ги извршувам.
167 Душата моја ги пази Твоите уредби, и јас многу ги засакав.
168 Ги пазам Твоите заповеди и Твоите сведоштва, зашто сите мои патишта се пред Тебе, Господи.
169 Нека допре до Тебе молбата моја, Господи; вразуми ме според Твоите зборови.
170 Нека барањето мое дојде пред Тебе; избави ме според Твоето слово.
171 Од устата моја нека се произнесе похвала, кога ќе ме научиш на Твоите повелби.
172 Јазикот мој нека ги разгласи Твоите зборови, зашто сите Твои заповеди се праведни.
173 Нека ми биде Твојата рака на спасение, зашто Твоите заповеди ги избрав.
174 Копнеам, Господи, за спасение од Тебе и Твојот закон е мојата наслада.
175 Нека живее душата моја и нека Те слави; и Твоите уредби нека ми помогнат.
176 Се заблудив како загубена овца: побарај го Твојот слуга, зашто не ги заборавив Твоите заповеди.