1Алилуја! Блажен е оној човек, кој се бои од Господ и кому му се мили Неговите заповеди.
2Неговото потомство ќе биде силно на земјата; родот на праведните ќе биде благословен.
3Слава и богатство ќе има во неговиот дом; и правдата негова ќе преуспева вечно.
4На праведните во темнина им изгрева светлина; тие се благородни, милостиви и справедливи.
5Има добро за човек што е дарежлив и на заем дава; тој праведно ги извршува своите работи;
6и никогаш нема да се разниша; праведниот останува во вечен спомен.
7Од лоши гласови нема да се уплаши; срцето му е спремно, зашто се надева на Господ.
8Срцето му е цврсто: тој нема да се уплаши, кога — годе ќе погледне во непријателите свои.
9Тој разделува, дава на сиромаси; правдата негова останува вечно; неговиот рог ќе се возвиши во слава.
10Грешниот, кога ќе го види тоа, ќе се јадосува, ќе крцка со забите свои и ќе се топи. Желбата на грешникот пропаѓа.