Psalms 104
1 Благословувај Го, душо моја, Господа! Господи, Боже мој, Ти си многу велик; во слава и величественост Си се облекол;
2 Ти, Кој се облекуваш со светлина како со облека, си го прострел небото како шатор;
3 на вода си ги поставил Твоите дворови, облаците си ги направил како Своја кола, на крилјата од ветрот патуваш.
4 Ветровите ги правиш Свои гласници, а огнот и пламенот — Свои слуги.
5 Ти си ја поставил Земјата на цврсти основи: таа нема да се разниша никогаш.
6 Си ја покрил со бездна како со облека, води стојат над горите.
7 Од Твојата закана тие бегаат, од гласот на Твојот гром се разбегуваат;
8 се издигаат до горите, се спуштаат во долините, на места што си им ги определил.
9 Си поставил граница преку која нема да преминат, ниту ќе се вратат да ја покријат Земјата.
10 Си управил извори во долините: меѓу горите течат води,
11 ги напојуваат сите полски ѕверови; дивите магариња ја гаснат жедта своја.
12 Покрај нив живеат птици небесни, меѓу гранките пуштаат глас.
13 Ти ги напојуваш горите од своите височини, од плодовите на Твоите дела се наситува Земјата.
14 Ти правиш да расте трева за добитокот и растенија за потреба на луѓето, за да произведат храна од земјата
15 и вино што го весели срцето на човекот, и маслото од кое блеска лицето негово, и лебот што го закрепнува срцето на човекот.
16 Се напојуваат дрвјата по полето, кедрите леванонски, што си ги посадил;
17 на нив птиците си прават гнезда, елките им се живеалишта на штрковите.
18 Високите гори — на срните; камењата — прибежиште на зајаците.
19 Тој ја создал месечината да ги определува времињата, сонцето знае кога ќе зајде.
20 Спушташ темнина, и настанува ноќ: тогаш излегуваат сите горски ѕверови;
21 лавовите рикаат за плен и бараат од Бога храна за себе.
22 Изгрева сонцето, а тие се собираат и легнуваат во своите легла;
23 човекот излегува по своја работа и работи до вечерта.
24 Колку се многубројни делата Твои, Господи! Сѐ си направил премудро; Земјата е полна со Твои созданија.
25 Ете го морето, големо и пространо; таму се движат безброј лазачи, мали и големи животни;
26 таму пловат кораби, таму е левијатанот што си го создал да игра во него.
27 Сите тие од Тебе чекаат да им дадеш храна навреме.
28 Им даваш — примаат, ја отвораш раката Своја — се наситуваат со блага;
29 го одвратиш ли лицето Свое — се збунуваат, им го одземеш ли духот нивен — умираат и во земјата своја се враќаат.
30 Го праќаш ли духот Свој — се создаваат; Ти го обновуваш лицето на земјата.
31 Нека пребива вечно славата на Господ; нека се весели Господ за делата Свои!
32 Погледнува ли кон Земјата, и таа се тресе; се допре ли до горите, тие се димат.
33 Ќе Му пеам на Господ преку целиот мој живот, ќе Му пеам на мојот Бог сѐ додека постојам.
34 Нека Му биде мила беседата моја! Ќе се веселам во Господ.
35 Нека ги снема грешниците од Земјата, и беззаконици да нема веќе! Благословувај Го, душо моја, Господа! Алилуја!