Psalms 103
1 Благословувај Го, душо моја, Господа, и целата моја внатрешност да го благословува Неговото свето име!
2 Благословувај Го, душо моја, Господа и не заборавај ги сите Негови добрини, на Оној,
3 Кој ги очистува сите твои беззаконија, Кој ги исцелува сите твои болести;
4 Кој го избавува од пропаст твојот живот, Кој те овенчува со милост и со добрини.
5 Кој го исполнува со добра животот твој, како на орел ти ја обновува твојата младост.
6 Господ им дава милост и правда на сите угнетени.
7 Тој му ги покажа Своите патишта на Мојсеј, на Израеловите синови — делата Свои.
8 Штедар и милостив е Господ, долготрпелив и многумилостив;
9 Тој не се гневи до крај, ниту вечно се лути.
10 Тој не постапува со нас според нашите беззаконија и не ни плаќа според нашите беззаконија;
11 зашто, колку е големо растојанието од небото до Земјата, толку е голема милоста на Господ спрема оние што се бојат од Него;
12 колку е далеку исток од запад, толку ги оддалечува Тој од нас нашите престапи;
13 како таткото што ги милува синовите, така и Господ ги милува оние, кои се бојат од Него.
14 Зашто Тој го знае нашиот состав, помни дека сме прав.
15 Дните на човекот се како трева; како полски цвет, така прецутува тој;
16 ќе дувне ли над него ветар, и веќе го нема, и местото негово веќе не го памети.
17 А милоста на Господ е од век до век спрема оние, кои се бојат од Него, и правдата Негова е од чеда на чеда,
18 кои го чуваат заветот Негов и ги помнат заповедите Негови.
19 Господ го поставил Својот престол на небото, и царството Негово владее над сѐ.
20 Благословувајте Го Господа — сите ангели Негови, вие крепки по сила, кои го извршувате Неговиот збор, слушајќи го гласот од зборот Негов;
21 благословувајте Го Господа — сите Негови војски, Негови служители, кои ја исполнувате волјата Негова;
22 благословувајте Го Господа сите Негови дела, по сите места на Неговото владеење. Благословувај Го, душо моја, Господа!