1Господи, услиши ја молитвата моја и повикот мој нека дојде до Тебе!
2Не одвраќај го лицето Свое од мене, во денот на мојата жалост приклони го увото Твое кон мене; во денот, кога Те повикувам, услиши ме бргу,
3зашто дните ми исчезнуваат како дим, а коските мои горат како оган;
4попарен сум како трева, срцето ми е исушено, така што заборавам и лебот свој да го јадам;
5од гласот на моите воздишки коските ми се залепија за телото мое.
6Заприлегав на пеликан во пустина; станав како був во урнатини;
7не спијам, седам како самотна птица на покрив.
8Секој ден ме навредуваат непријателите мои, и фалејќи се, ме проколнуваат.
9Јадам пепел како леб и пијалакот свој со солзи го мешам.
10Поради гневот и јароста од лицето Твое бев подигнат, а потоа соборен.
11Дните мои исчезнуваа како вечерна сенка и јас се сушам како сено.
12А Ти, Господи, вечно пребиваш; и името Твое е од род во род.
13Стани, смилувај му се на Сион, зашто време е да се смилуваш на него — зашто дојде времето;
14бидејќи на Твоите слуги им омилеа и камењата негови и за правот негов жалат.
15Незнабошците ќе се заплашат од името на Господ, а сите земни цареви — од Твојата слава.
16Зашто Господ ќе го изгради Сион и ќе се појави во славата Своја;
17ќе погледне милостиво на молитвите од беспомошните и нема да ги презре молбите нивни.
18Нека се запише ова за следниот род, та идното поколение да Го слави Господа,
19зашто се јави од светата Своја височина, Господ од небесата погледна на Земјата,
20за да ги чуе офкањата на окованите, да ги ослободи осудените на смрт,
21за да го разгласат името Господово на Сион и похвалата Негова во Ерусалим,
22кога ќе се соберат народите и царствата заедно да Му служат на Господ.
23Тој ми ја откажа заштитата Своја на патот мој, ги скрати дните мои.
24Боже мој! Не земај ме на половината од деновите мои! Твоите години се од род во род.
25Во почетокот Ти, Господи, ја основа Земјата, небесата се дело на Твоите раце;
26тие ќе пропаднат, а Ти ќе пребиваш; сите тие — како облека ќе оветвеат, и како наметка Ти ги менуваш и тие исчезнуваат.
27Но Ти си секогаш истиот, и Твоите години нема да завршат.
28Синовите на Твоите слуги ќе се веселат и потомството нивно ќе се зацврсти за навек.