Proverbs 29
1 Човек, кој, иако разобличуван, останува тврдоглав, неочекувано ќе биде скршен, и ќе нема за него лек.
2 Кога праведниците се умножуваат, народот се весели, а кога безбожниот господари, народот офка.
3 Човек, кој ја сака мудроста, го радува татко си; а кој се дружи со блудници, имотот го растура.
4 Царот со правда ја зајакнува земјата своја, а кој љуби подароци, ја расипува.
5 Човек кој му ласка на пријателот, поставува стапица за нозете негови.
6 Гревот на лошиот човек е стапица за него, а праведникот ќе се весели и ќе се радува.
7 Праведниот грижливо вникнува во маката на бедните, а безбожниот не се интересира за тоа.
8 Развратните луѓе го бунтуваат градот, а мудрите го смируваат гневот.
9 Умен човек, кога се суди со безумен човек, се лути ли, или се смее, — нема мир.
10 Крвожедните луѓе го мразат непорочниот, а праведните се грижат за неговиот живот.
11 Глупавиот го излива сиот свој гнев, а мудриот се воздржува.
12 Ако управителот слуша лажни зборови, тогаш и сите негови службеници стануваат нечесни.
13 Сиромавиот и лихварот се среќаваат еден со друг; но Господ им дава и на двајцата светлина во очите.
14 Ако царот им суди на сиромасите по правда, престолот негов ќе се зајакне засекогаш.
15 Стапот и прекорот даваат мудрост; но момче, оставено без грижа, ја посрамува својата мајка.
16 Кога се умножуваат безбожните, се умножува беззаконието; но праведните ќе го видат нивното паѓање.
17 Казнувај го синот свој, и тој ќе ти даде мир и ќе ѝ донесе радост на душата твоја.
18 Без откровение одозгора народот е нескротлив, а кој го пази законот, блажен е.
19 Слугата со зборови нема да се научи, зашто и да ги разбира, не ги слуша.
20 Ако си видел човек брз и недомислен во зборовите свои, повеќе надевај се на безумен, отколку на него.
21 Ако ласкаво држиш слуга од детството, подоцна ќе посака да ти стане син.
22 Гневлив човек подига бунтови, а избувливиот многу греши.
23 Гордоста на човека го понизува, а смирениот по дух ќе се здобие со чест.
24 Кој дели со крадец, ја мрази душата своја; тој слуша клетви, но не ги соопштува.
25 Оние што се плашат и срамуваат од луѓето, ќе се сопнат; а кој се надева на Господ, ќе биде спасен.
26 Мнозина го бараат благонаклоното лице на управителот, но судбината на човекот е од Господ.
27 Неправеден човек е одвратен за праведниците, а одвратност за безбожниот е оној што оди по прав пат.