Proverbs 28
1 Безбожниот бега, кога никој не го гони; а праведниот е смел како лав.
2 Кога земјата ќе отстапи од законот, тогаш во неа има многу началници; а при разумен и вешт маж управата е долговечна.
3 Човек сиромав кој врши зло над слабите е исто како излеан дожд, кој нанесува штета.
4 Отстапниците од законот ги фалат нечесните, а оние што го почитуваат законот, негодуваат против нив.
5 Лошите луѓе не ја разбираат справедливоста, а оние, што Го бараат Господа, разбираат сѐ.
6 Подобро сиромав, кој оди во својата непорочност, отколку оној што ги искривува своите патишта, макар и да е богат.
7 Кој го пази законот, е разумен син, а кој се дружи со расипници, го срами татко си.
8 Кој го умножува имотот свој преку камата и лихварство, тој го собира за добротворецот на сиромасите.
9 Кој го отстранува увото свое да не го слуша законот, на таквиот и молитвата му е одвратна.
10 Кој ги упатува праведните кон патот на злото, сам ќе падне во јамата своја, а непорочните ќе наследат добро.
11 Богатиот човек самиот се смета за мудрец, но умен сиромав ќе го разобличи.
12 Кога праведници победуваат, голема е славата, но кога безбожниците се издигаат, луѓе гинат.
13 Кој ги крие престапите свои, нема да напредува; а кој се кае и ги остава, ќе биде помилуван.
14 Блажен е оној човек, кој секогаш се бои; а кој го ожесточува срцето свое, ќе падне во неволја.
15 Лав што рика и мечка гладна, тоа е безбожниот властодржец над беден народ.
16 Неразумен управител врши многу угнетувања, а кој го мрази користољубието, ќе има долги дни.
17 Човекот, виновен за пролевање на човечка крв, бега до гроб, за да не го фати некој.
18 Кој оди непорочно, ќе биде неповреден; а кој оди по криви патишта, ќе падне на еден од нив.
19 Кој си ја обработува земјата, ќе се наситува со леб, а кој е мрзлив и не работи, ќе се насити со сиромаштија.
20 Верен човек ќе биде многу благословуван, а кој брза да се збогати, не останува без казна.
21 Не е добро да се биде лицемерен: таков човек и за парче леб ќе изврши неправда.
22 Завидлив човек брза кон богатството и не мисли дека сиромаштијата ќе го стигне.
23 Кој разобличува човек, отпосле ќе најде поголема благонаклоност, отколку оној што му ласка со јазикот.
24 Кој го краде татко си и мајка си и вели: „Тоа не е грев“, тој им е соучесник на грабителите.
25 Горделивиот предизвикува караници, а кој се надева на Господ, ќе преуспее.
26 Кој се надева на себеси, безумен е; а кој постапува мудро, ќе биде спасен.
27 Кој дава на сиромав, нема да осиромаши; а кој ги крие очите од него, ќе биде проколнуван.
28 Кога безбожните се издигаат, луѓето се кријат, а кога паѓаат, праведниците се умножуваат.