1Не завидувај им на лошите луѓе, и не посакувај да бидеш со нив,
2зашто срцето нивно насилство намислува, и устите нивни за лошо зборуваат.
3Со мудрост куќа се изградува и со разум се зацврстува,
4а со умешност нејзините простории се исполнуваат со секакви скапоцености и добра.
5Мудриот човек е силен, а разумниот — ја зацврстува силата своја.
6Затоа со обмислување се води војна, а успех ќе има со многу советувања.
7Мудроста е недостижна за глупавиот, затоа тој не отвора уста на собирите.
8Кој мисли да направи зло, ќе го наречат зломисленик.
9Безумието има само една мисла: гревот, а исмејувачот е одвратен за луѓето.
10Ако во злочест ден си се покажал слаб, скудна ти е силата.
11Спасувај ги оние што ги водат на смрт, и поштеди ги оние, кои уплашени одат кон губилиштето.
12Ако кажеш: „Ете, ние не го знаевме тоа“, а Оној, Кој ги испитува срцата, зар не знае? Оној, Кој бдее над душата твоја, го знае тоа и ќе му даде на човекот според делата негови.
13Јади, синко, мед, затоа што е пријатен, и јади восочен мед, кој е сладок за грлото твое:
14такво е за душата твоја и познавањето на мудроста. Ако си ја нашол, имаш иднина, а твојата надеж нема да те остави.
15Не помислувај зло, безбожниче, против живеалиштето на праведниот, не опустошувај го местото на спокојството негово,
16зашто седумпати ќе падне праведникот — и пак ќе стане; а падне ли нечесен, тој изнемогнува во злото.
17Немој да се радуваш, кога непријателот твој ќе падне, и срцето твое да не се весели, кога тој ќе се сопне.
18Инаку, Господ ќе види, и тоа пред очите Негови нема да биде угодно, и Тој ќе го оттргне од него гневот Свој.
19Не лути им се на зломислениците и не завидувај им на безбожниците,
20зашто лошиот нема иднина; и светилото на безбожните ќе згасне.
21Имај страв, синко, од Господ и од царот; не востанувај ни против едниот ни против другиот,
22зашто неочекувано ќе дојде казната од нив, — а кој е тој што ќе ја предосети пропаста од нив двајцата?
23Кажано е од мудрите: не е добро во судот да има пристрасност.
24Кој му вели на виновниот: „Прав си“, него народите ќе го проколнуваат, него племињата ќе го мразат;
25а кои разобличуваат, ќе бидат сакани, и врз нив ќе дојде благословот.
26Во устата бакнува оној, кој изговара зборови чесни.
27Уреди ги работите надвор од куќата, сврши ги на нивата своја, а потоа гради го домот свој.
28Не сведочи лажно против ближниот свој: зошто да лажеш со устата своја?
29Не вели: „Како ми направи тој мене, така и јас ќе му направам нему: ќе му се одмаздам за навредата што ми ја нанесе.“
30Минував покрај нивата на мрзлив човек и покрај лозје на неразумен човек:
31и ете, сѐ беше обраснато со трње, нивата беше покриена со коприва, а камената ограда негова беше урната.
32И погледнав, го устремив срцето свое, погледнав и поука извлеков:
33„Малку ќе поспиеш, малку ќе задремеш, малку со скрстени раце ќе полежиш“ —
34и сиромаштијата ќе ти дојде како брзоодец, и немаштијата твоја — како вооружен човек.