Proverbs 23
1 Кога ќе седнеш да јадеш со властодржец, гледај добро што има пред тебе,
2 и постави ограда на грлото свое, ако си лаком.
3 Не се мами од вкусните гозби негови: тие се примамлива храна.
4 Ако си сиромав, не настојувај да трупаш богатство; бегај од таквите мисли.
5 Ќе ги устремиш очите кон него, и еве веќе го нема: тоа ќе си направи крилја и како орел ќе летне кон небото.
6 Не јади леб кај завидлив човек и не се занесувај од вкусните негови гозби;
7 зашто какви му се мислите во душата негова, таков е и тој: „Јади и пиј“, ти вели, но срцето негово не е со тебе.
8 Залакот, што си го изел, ќе го изблуеш, и убавите зборови свои напразно ќе ги потрошиш.
9 Во ушите на безумниот не зборувај, зашто тој ќе ги презре разумните твои зборови.
10 Не преместувај стара меѓа и во нива на сираци не влегувај;
11 зашто нивниот Заштитник е силен; Тој ќе се замеша во делото нивно против тебе.
12 Насочи го срцето свое кон учење и ушите свои — кон умни зборови.
13 Не оставај го детето без казна: ако го казниш со прачка, тоа нема да умре;
14 ќе го казниш со прачка, и ќе ја спасиш душата негова од пеколот.
15 Синко, ако твоето срце биде мудро, и моето срце ќе се радува;
16 ќе се радува целото мое битие, кога твојата уста говори право.
17 Срцето твое нека не им завидува на грешниците, туку биди во сите дни свои во стравот Господов;
18 зашто има иднина, а твојата надеж не е загубена.
19 Слушај, синко, и биди мудар и насочувај го срцето свое по прав пат.
20 Не биди меѓу оние, што се опиваат со вино, меѓу оние, што се презаситуваат со месо, —
21 зашто пијаницата, и оној што се прејадува, ќе осиромашат, а сонливоста ќе ги облече во партали.
22 Слушај го својот татко: тој те родил; не ја занемарувај мајка си, кога таа ќе остарее.
23 Купувај вистина и не продавај мудрост, учење и разум.
24 Таткото на праведниот се весели, и оној што родил мудар, се радува поради него.
25 Нека ти се радуваат татко ти и мајка ти, нека се радува онаа која те родила.
26 Синко, дај ми го мене срцето твое и очите твои да ги гледаат патиштата мои, —
27 зашто блудницата е длабока пропаст, а туѓа жена — тесен бунар;
28 таа како разбојник ги пречекува и ги умножува беззакониците меѓу луѓето.
29 На некого — ах, на некого — ох, на некого — кавга, на некого жал, на некого рани без причина, на некого зацрвенети очи?
30 На оние, што заседнуваат околу вино, кои одат да бараат вино со ароми.
31 Не гледај го виното како се црвенее, како тоа искри во чашата, како убаво се лее;
32 отпосле тоа ќе касне како змија и ќе жилне како отровница;
33 очите твои ќе гледаат привиденија, и срцето твое ќе почне да говори неразумно;
34 и ти ќе бидеш како заспан среде море и како задреман на врвот од јарбол,
35 па ќе речеш: „Ме тепаа и не ме болеше; ме туркаа и не чувствував. Кога ќе се разбудам, пак ќе го барам истото.“