Proverbs 22
1 Подобро е добро име, отколку големо богатство, и подобро е благонаклоност, отколку сребро и злато.
2 Богатиот и сиромавиот се среќаваат еден со друг; и едниот и другиот ги создал Господ.
3 Умниот го гледа злото и го избегнува; а безумните одат невнимателно и тоа скапо го плаќаат.
4 Плодови на смиреноста се: стравот Господов, богатството, славата и животот.
5 По патот на подмолниот — трње и стапици: кој ја пази душата своја, ќе бега од нив.
6 Поучи го момчето во почетокот на патот негов: тој нема да скршне од него и кога ќе остари.
7 Богатиот господари над сиромавиот, и должникот станува роб на заемодавецот.
8 Кој сее неправда, ќе пожнее зло, и прачката на гневот негов ќе исчезне.
9 Милосрдниот ќе биде благословен, зашто им дава на бедните од лебот свој.
10 Истерај го исмејувачот, и раздорот ќе исчезне, ќе престанат кавгата и навредите.
11 Оној што љуби чисто срце, и чии зборови се пријатни, и на царот станува пријател.
12 Очите на Господ го чуваат знаењето, а зборовите на престапникот Тој ги разобличува.
13 Мрзливиот вели: „Лав има надвор! Насред улица ќе загинам!“
14 Устите на блудниците се длабока бездна: на кого Господ ќе се разгневи, тој ќе падне во неа.
15 Безумието на детето му е приврзано за срцето, но прачката ќе го отстрани далеку од него.
16 Кој ограбува сиромав, за да го умножи богатството свое, и кој му дава на богатиот, — ќе осиромаши.
17 Наклони го увото и слушај ги зборовите на мудрите, и сврти го срцето кон моите зборови,
18 зашто ќе се радуваш, ако ги пазиш во срцето свое, и ако ти бидат исто така во устата твоја.
19 За да биде твојата надеж во Господ, јас ти го покажувам патот.
20 Јас ти напишав триесетина совети и поуки,
21 за да те поучам на зборовите вистински и добри, та да ги предаваш на оние што те испраќаат.
22 Не ограбувај сиромав, зашто тој е сиромав, и не притеснувај страдалник кај портите, —
23 зашто Господ ќе се застапи за нив, и ќе ја истргне душата на грабачите нивни.
24 Не се дружи со гневлив и не оди со човек жесток,
25 за да не се навикнеш на нивните патишта и да не навлечеш стапица на душата своја.
26 Не биди од оние, што даваат рака и се заложуваат за туѓи долгови:
27 ако нема со што да платиш, зошто да ти ја земат постелата под тебе?
28 Не преместувај стари меѓи, кои твоите татковци ги поставиле.
29 Си видел ли вешт и искусен човек во својата работа? Тој ќе служи на цареви, нема да остане меѓу простите.