1Кој ја сака поуката, го сака знаењето; а кој го мрази изобличувањето — неразумен е.
2Добриот добива благодат од Господ, а на подмолниот Тој ќе му суди.
3Човек нема да се зацврсти со беззаконие; а коренот на праведните е неподвижен.
4Добродетелна жена е венец за мажот свој, а онаа, што го срамоти, е како гнилеж во коските негови.
5Мислите на праведните се правда, а плановите на безбожниците — подмолност.
6Зборовите на нечестивите се заседа за пролевање крв, а устата на праведните ги спасува.
7Каде и да се свртат нечестивите — исчезнуваат, а домот на праведните останува.
8Човекот го фалат според разумот негов, а развратниот по срце ќе биде презрен.
9Подобро да си мал, но да работиш за себеси, отколку да се правиш големец, а да немаш леб.
10Праведникот се грижи и за животот на добитокот свој, а срцето на безбожникот е жестоко.
11Кој ја обработува земјата своја, ќе се наситува со леб; а кој оди по стапките на безработниците, неразумен е.
12Желбата на грешникот е стапица од зло; но коренот на праведниците дава плод.
13Нечесниот се фаќа во мрежа преку гревовите на устата своја; но праведниот ќе се спаси од неа.
14Од плодот на устата своја човекот се наситува со добро, и на човек му се дава според делата на неговите раце.
15Патот на неразумниот му се чини прав во неговите очи; но кој слуша совет, тој е мудар.
16Глупавиот веднаш ќе го покаже гневот свој, а благоразумниот ја смирува лутината своја.
17Кој го кажува она што го знае, тој говори правда, а лажниот сведок говори измама.
18Празнословецот ранува како меч, а јазикот на мудрите лекува.
19Праведната уста вечно живее, а лажливиот јазик — само еден миг.
20Во срцето на оние што мислат зло, има подмолност, а кај миротворците — радост.
21Праведниот нема да го достаса никакво зло, а безбожниците ќе бидат преполни со зло.
22Лажливата уста е одвратност пред Господ, а кој говори вистина, благоугоден Му е Нему.
23Расудлив човек го прикрива знаењето свое, а срцето на глупавите го разгласува своето безумие.
24Раката на работливите ќе господари, а мрзливоста води во ропство.
25Тагата во срцето го притиска човекот, а добриот збор го развеселува.
26Праведниот му го покажува патот на ближниот свој, а патот на нечестивите ги води во заблуда.
27Мрзливиот својот лов не го пече; а трудољубивоста е големо богатство.
28По патот на правдата има живот, и во нејзината патека нема смрт.