1Неисправните мерила се одвратни пред Господ, а точните мерки Нему Му се угодни.
2Ќе дојде ли гордоста, ќе дојде и срамот, но мудроста е со смирените.
3Непорочноста на простодушните ќе ги раководи, а лукавството на подмолните ќе ги погуби.
4Богатството нема да помогне во денот на гневот, а правдата ќе спаси од смрт.
5Правдата на непорочниот го израмнува неговиот пат, а нечестивиот ќе падне поради својата нечесност.
6Правдата на простодушните ќе ги спаси, а беззакониците ќе бидат уловени од своето беззаконие.
7Со смртта на нечестивиот човек, исчезнува надежта негова, и очекувањето на беззакониците загинува.
8Праведникот се спасува од неволја, а место него во неа паѓа нечестивиот.
9Лицемерниот го погубува со уста ближниот свој, а праведниците се спасуваат со знаење.
10Кога праведниците живеат во благосостојба, градот се радува, а кога загинуваат безбожниците, настанува веселба.
11Со благословот на праведните градот се издига, а преку устата на нечестивите се разрушува.
12Малоумниот искажува презир кон ближниот свој, но разумниот човек молчи.
13Кој оди да озборува, издава тајна, но верниот човек ја чува тајната.
14Каде што нема водство, народот пропаѓа, а при многу советници живее во благосостојба.
15Кој се застапува за друг, зло си донесува, а кој го мрази давањето гаранција, тој е во безопасност.
16Добрата жена спечалува слава, а работливиот човек се здобива со богатство.
17Милосрдниот човек си прави добро на душата своја, а жестокиот по срце го руши телото свое.
18Безбожникот врши измамлива работа, а на оној што сее правда, наградата му е вистинска.
19Праведноста води кон живот, а кој се стреми кон зло, се стреми кон смртта своја.
20Подмолните по срце се одвратни пред Господ, а непорочните во својот пат Нему Му се благоугодни.
21Можеш со сигурност да речеш дека порочниот нема да остане неказнет, а семето на праведните ќе се спаси.
22Она што е златна алка на носот кај свињата, тоа е жена убава, но без разум.
23Праведните сакаат само добро, а нечестивите ги очекува гнев.
24Еден раздава штедро, и уште му се додава; а друг преку мера е скржав, и пак е сиромав.
25Добротворната душа ќе биде наситена, и кој напојува други, и тој самиот ќе биде напоен.
26Кој задржува храна за себе, него народот го проколнува; а кој ја продава — врз главата негова стои благослов.
27Кој се стреми кон добро, тој бара благоволение; а кој бара зло, него и го снаоѓа.
28Оној што се надева на богатството свое, ќе пропадне; а праведниците како зелено дрво ќе напредуваат.
29Кој ја запустува куќата своја, ќе наследи ветар, а неразумниот му е слуга на мудриот.
30Плодот на праведникот е дрво на животот, а мудриот придобива човечки души.
31Ако на праведникот му се плаќа на земјата, дотолку повеќе на нечестивиот и на грешниот.