1И така, браќа мои возљубени и многу пожелни, радост моја и венец, стојте цврсто во Господ, возљубени!
2Ја молам Еводија, ја молам и Синтихија да бидат едномислени во Господ;
3а те молам и тебе, искрен сотрудниче, помагај им на оние што се грижеа во Евангелието заедно со мене и со Климент и со другите мои сотрудници, чии имиња се во Книгата на животот.
4Радувајте се секогаш во Господ, и пак ќе речам: радувајте се!
5Кротоста ваша нека им биде позната на сите луѓе! Господ е близу!
6За ништо не грижете се, туку во сѐ преку молитва и молба со благодарност изнесувајте ги пред Бога своите барања,
7и мирот Божји, што надвишува секој ум, ќе ги запази вашите срца и вашите мисли во Исус Христос.
8Понатаму, браќа мои, на она што е вистинско, што е чесно, што е праведно, што е чисто, што е љубезно, што е достојно за слава, на она што е добродетел, што е за пофалба, само на тоа мислете!
9И она што го научивте, примивте, чувте и видовте во мене, тоа правете го, — и Бог на мирот ќе биде со вас!
10Јас се зарадував необично многу во Господ, зашто најпосле расцветавте во вашата грижа за мене; вие и порано се грижевте за мене, но немавте згодна пригода.
11Ова го велам не поради скудност од нешто, бидејќи се научив да се задоволувам со она што го имам.
12Знам да живеам и во скудност, знам да живеам и во изобилство; научен сум на сѐ и сешто, и сит да бидам, и глад да трпам, и во изобилие да сум и во немаштија.
13Сѐ можам преку Исус Христос, Кој ме крепи.
14Но, добро направивте што зедовте учество во мојата скрб.
15А знаете и вие, Филипјани, дека во почетокот на проповедањето на Евангелието, кога отпатував од Македонија, немаше ниту една црква нешто да ми даде или нешто да примам освен од вас;
16зашто и во Солун, еднаш, и по вторпат ми пративте нужни работи.
17Ова го велам не дека сакам да ми давате, туку го барам плодот кој се умножува во ваша полза.
18Добив сѐ и имам во изобилие, се пренаполнив со блага, кога го примив од вас испратениот дар преку Епафродит, кој е мирис сладок, жртва пријатна, благоугодна на Бога.
19Мојот Бог, по Своето богатство, нека ја исполни секоја ваша потреба, за слава преку Христос Исус.
20А на Бога, нашиот Отец, слава во вечни векови. Амин!
21Поздравете го секој светија во Христос Исус! Ве поздравуваат браќата што се со мене.
22Ве поздравуваат сите светии, а особено оние што се од Цезаревиот дом.
23Благодатта на нашиот Господ Исус Христос нека биде со сите вас. Амин!