1И така, ако во Христос има некаква утеха, ако има некаков поттик од љубовта, ако има некакво заедништво со Духот, ако има некое милосрдие и сострадание,
2исполнете ја мојата радост: бидете со една мисла, бидејќи имате една и иста љубов, и бидете еднодушни и едномислени;
3не правете ништо од честољубие или за празна слава, но од понизност сметајте се еден друг за погорен од себеси!
4Не грижете се секој само за себе, туку и за другите!
5Бидејќи вие треба да ги имате истите мисли, што ги има Исус Христос,
6Кој, иако беше во Божји лик, не сметаше дека треба да го искористи тоа што е еднаков со Бога;
7но Сам Себе се понизи, земајќи лик на слуга се изедначи со луѓето и по изглед се покажа како човек;
8Сам Себе се понизи, послушен сѐ до самата смрт, смрт на крст.
9Па затоа и Бог Го превозвиши и Му даде име што е над секое име,
10та во името на Исус да се поклони секое колено на сѐ што е небесно, земно и подземно,
11и секој јазик да исповеда дека Исус Христос е Господ, за слава на Бог Отецот.
12Затоа, возљубени мои, како што секогаш ме слушавте, не само во мое присуство, туку многу повеќе сега, кога сум отсутен, со страв и трепет градете го своето спасение,
13зашто Бог е Оној Кој во вас прави да сакате и да дејствувате според Неговата добра волја.
14Правете сѐ без мрморење и двоумење,
15за да бидете прави и чисти, непорочни чеда Божји, сред изопачено и развратно поколение, во кое светите како светила во светот,
16држејќи се за словото на животот, за моја гордост во денот Христов, дека не трчав напразно и не се трудев напразно.
17Но, иако се излевам како жртва леаница и за служба на вашата вера, се радувам сам и се радувам со сите вас.
18Така исто радувајте се и вие и зарадувајте ме!
19А се надевам во Господ Исус дека наскоро кај вас ќе го пратам Тимотеј, та и јас, откако ќе разберам како сте, да се утешам со духот.
20Всушност, немам ниту еден истомисленик, кој толку искрено би се грижел за вас.
21Зашто сите си го бараат своето, а не она на Исус Христос;
22а неговата опитност е позната; тој, како син на татко, слугуваше заедно со мене при благовестувањето.
23Него, пак, се надевам дека ќе го испратам веднаш, штом ќе дознаам што ќе стане со мене;
24а се надевам во Господ дека и сам скоро ќе дојдам кај вас.
25Сметам дека е потребно кај вас да го испратам братот Епафродит, мој сотрудник и соборец во војувањето, а ваш пратеник и помагач во потребите мои,
26бидејќи тој копнееше да ве види сите вас и многу жалеше што сте чуле дека бил болен.
27Зашто тој боледуваше дури до умирање; но Бог го помилува, и не само него, туку и мене, за да не ми се натовари една жалост врз друга.
28Поради тоа го испратив поскоро, та, штом ќе го видите пак, да се израдувате, а јас да бидам помалку нажален.
29Примете го, пак, во Господ со секаква радост, и такви почитувајте,
30бидејќи за Христовото дело тој беше скоро на умирање, не жалејќи го својот живот за да го дополни недостигот на вашата служба кон мене.