1Павле и Тимотеј, слуги на Исус Христос, до сите светии во Христос Исус, што се во Филипи, со епископите и ѓаконите:
2благодат и мир вам од Бог, Отецот наш и од Господ Исус Христос!
3Му благодарам на мојот Бог секогаш, кога си спомнувам за вас,
4— во секоја моја молитва се молам со радост за сите вас —
5заради вашето учество во Евангелието од првиот ден, па сѐ досега,
6уверен во тоа дека Оној, Кој го започна во вас доброто дело, ќе го доврши сѐ до Денот на Исус Христос.
7И право е да го мислам тоа за сите вас, зашто секогаш ве носам во срце — и кога сум во окови, и кога го бранам и утврдувам Евангелието, бидејќи сите вие сте мои соучесници во благодатта.
8Бог ми е сведок колку многу копнеам по сите вас со милосрдноста на Исус Христос.
9И се молам вашата љубов сѐ повеќе и повеќе да изобилува преку познанието и разбирањето на сѐ,
10за да можете да го распознавате најдоброто, та да бидете чисти и беспрекорни во денот на Христос,
11полни со плодот на праведноста, кој е преку Исус Христос, за слава и пофалба на Бога.
12Сакам, браќа, да знаете дека тие работи, што ми се случија, придонесоа за поголем успех на Евангелието,
13така што во целата преторија и меѓу сите други стана познато дека сум во окови за Христос;
14и дека повеќето од браќата во Господ, поттикнати од моите окови, се осмелија, без страв да го проповедаат словото Божјо.
15Некои, навистина, од завист и желби за кавга, а други од добра волја Го проповедаа Христос:
16едни Го проповедаат Христос од љубов, знаејќи дека јас сум поставен да го бранам Евангелието.
17А другите имаат желба да се препираат неискрено, мислејќи дека ја наголемуваат тежината на моите окови.
18Другите, пак, проповедаат од љубов, знаејќи дека јас сум поставен да го бранам Евангелието.
19Зашто знам дека тоа ќе ми послужи за спасение со вашата молитва и преку дејството на Духот на Исус Христос,
20како што очекувам со нетрпение и се надевам дека во ништо нема да се посрамам, но со сета моја храброст, како секогаш, така и сега, ќе се возвеличи Христос во моето тело — било со живот, било со смрт.
21За мене, „да се живее“ значи Христос, а „да се умре“ — придобивка.
22Ако, пак, живеењето мое во тело ми придонесува плод на делото, тогаш што да одберам не знам.
23Измачуван сум и од едното, и од другото: сакам да заминам и да бидам со Христос, бидејќи тоа е многу подобро;
24но да останам во телото е попотребно за вас.
25Уверен во тоа, знам дека ќе останам и ќе пребивам со сите вас за ваш напредок и радост на верата,
26та пофалбата ваша во Христос Исус да се умножува преку мене, кога повторно ќе дојдам кај вас.
27Живејте само достојно за Христовото Евангелие, та, ако дојдам и ве видам, или пак во отсуство слушнам за вас дека стоите во еден дух, борејќи се еднодушно за верата на Евангелието,
28и во ништо не се плашите од противниците; тоа е знак за нивната погибел, а за вашето спасение, и тоа е од Бога.
29Зашто вам ви се даде дар поради Христос не само да верувате во Него, туку и да страдате за Него,
30борејќи се со истата борба, каква што видовте во мене и сега слушате за мене.