Numbers 28
1 И му рече Господ на Мојсеј, велејќи:
2 „Заповедај им на синовите израелски и кажи им: даровите Мои, лебните приноси, жртвите Мои со благопријатен мирис да Ми се принесуваат во свое време.
3 И кажи им: ете ја жртвата, која треба да Му ја принесувате на Господ: јагниња без недостаток — две едногодишни машки јагниња на ден, како жртва-сепаленица;
4 едното јагне принесувај го наутро, а другото јагне навечер;
5 и лебен принос да принесете, една десетина од ефа пченично брашно, помешано со четвртина ин биено маслиново масло,
6 Тоа е постојана жртва-сепаленица, каква што беше принесена на планината Синај, за благопријатен мирис — жртва Господова.
7 И кон неа да има за прелив четврт ин за едно јагне; на свето место извршувај го со вино преливот на Господ.
8 Другото јагне принесувај го навечер, со таков лебен принос како утрината, со таков прелив кон него, принесувај како жртва — благопријатен мирис пред Господ.
9 А во саботен ден по две едногодишни машки јагниња без недостаток, и лебен принос две десетини од ефа пченично брашно, помешано со масло, и прелив кон него.
10 Тоа е саботна сепаленица за секоја сабота, освен постојаната сепаленица и преливот за неа.
11 и во првиот ден од месецот принесувајте Му на Господ сепаленици: два јунци, еден овен и седум едногодишни машки јагниња без недостаток,
12 и три десетини од ефа пченично брашно, измешано со масло, како лебен принос кон секој јунец, и две десетини од ефа пченично брашно, измешано со масло, како лебен принос со овенот,
13 и по една десетина од ефа пченично брашно, помешано со масло, како лебен принос за секое јагне, тоа е сепаленица, благопријатен мирис, жртва на Господ;
14 а преливот за нив треба да биде половина ин вино за јунецот, една третина од ин за овен и една четвртина ин за јагне; тоа е сепаленица за секое новомесечје во текот на сите месеци на годината.
15 Принесувајте Му на Господ секогаш и по еден козел како жртва за грев; него треба да го принесувате покрај секојдневната сепаленица, заедно со преливот за него.
16 Во првиот месец, на четиринаесеттиот ден од месецот, е Пасха Господова.
17 И на петнаесеттиот ден од тој месец е празник; седум дена треба да се јадат бесквасни лебови.
18 Во првиот ден да имате свето собрание; никаква работа не вршете;
19 и принесете сепаленица, жртва на Господ: два јунци, еден овен и седум едногодишни машки јагниња; тие да се без недостаток;
20 и кон нив лебен принос принесувајте пченично брашно, измешано со масло, три десетини од ефа за секој јунец, и две десетини од ефа за овенот,
21 и по една десетина ефа принесувајте за секое од седумте јагниња,
22 и еден козел — жртва за грев, за да се ослободите од гревот;
23 принесувајте го тоа, освен утринската сепаленица, која е постојана жртва.
24 Така правете секој ден во седумте дена; тоа е дар, принос благопријатен за Господ; освен редовната сепаленица и преливот кон неа треба да го принесувате тоа.
25 И во седмиот ден треба да имате свето собрание; никаква работа не вршете.
26 И во денот на Првите плодови, кога Му принесувате на Господ нов лебен принос на празникот на Седмиците, треба да имате свето собрание, никаква работа не вршете;
27 и принесувајте сепаленици — благопријатен мирис на Господ: два јунца, еден овен и седум едногодишни машки јагниња,
28 а заедно со нив и лебен принос од пченично брашно, измешано со масло, три десетини од ефа за секој јунец, две десетини од ефа за овен,
29 и по една десетина од ефа за секое од седумте јагниња;
30 и еден козел — за ослободување од грев.
31 Принесувајте ми ги овие жртви со нивниот прелив, освен постојаните сепаленици со лебниот им принос; тие треба да бидат без надостаток.“